Извонредна фотографија од кратер на Марс исполнет со мраз

Иако сé уште не сме сигурни дали има течна вода под површината на Марс, знаеме дека вода има речиси насекаде на површината, но во замрзната состојба. И изгледа прекрасно, како што можете да видите од новите фотографии направени од мисијата Марс Експрес на Европската вселенска агенција (ESA).

Орбитерот направи извонредна фотографија од Королевиот кратер, кој има дијаметар од 81.4 километри и речиси до врвот е исполнет со мраз преку целата година.

Како и Земјата, и Марс има годишни времиња, а во потоплите сезони мразот се повлекува. Но Королевиот кратер (наречен по советскиот инженер Сергеј Королев), настанат при масивен удар некогаш во минатото на планетата, е чуден во овој аспект. Се работи за геолошка карактеристика наречена „студена стапица“ и го прави токму тоа – го заробува мразот/студот. Објаснувањето ќе го најдете на Science Alert.

Прочитајте и:  Curiosity испрати неверојатна панорама од Марс

Королевиот кратер е многу длабок, нешто над 2 километри под обрачот. Од дното на кратерот се издигнува „купола“ од заледена вода со дебелина од 1.8 километри и дијаметар до 60 километри. Гледано по волумен, содржи околу 2.200 кубни километри мраз.

Мисијата Mars Express на ESA на 25 декември ќе прави 15-годишнина откако се наоѓа во орбитата на Марс. Орбитерот лани неколкупати прелета над кратерот, правејќи фотографии со својата DSLR стерео камера со висока резолуција (HRSC).

Пет од тие фотографии се „зашиени“ заедно за да го создадат извонредниот колаж на почетокот на текстов. Го прикажуваат кратерот во своето најдобро светло, со резолуција од околу 21 метар по пиксел.

Снимките се искористени и за да се направи колор топографската мапа која ја покажува висината на кратерот и околната рамнина.

- Реклама -