Заврши комисиската расправа за третата, конечна фаза од уставните измени. Комисијата за уставни прашања го усвои уставниот закон за прогласување на амандманите, пренесува Сител.
Според сегашната верзија на законот, прифатен е амандманот на независните пратеници од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, со кој се утврди дека амандманите се неважечки доколку веднаш не се исполнат условите за ратификација на Преспанскиот договор и ратификација на протоколот за членство во НАТО од страна на Грција. Со други зборови, амандманите ќе влезат во сила само ако оваа – на Алексис Ципрас, а не некоја идна грчка влада, го ратификува Преспанскиот договор.
Амандманите од опозциската БЕСА и Алијансата на Албанците – кои бараа да се избрише зборот „македонско“ од државјанството и да остане само „граѓанин на Република Северна Македонија“ – не се прифатени, но прифатен е заедничкиот амандман од Комисијата со кој се дефинира дека зборот „македонско“ не ја определува ниту ја предодредува етничката припадност.
Прифатен е и амандманот со кој Косово се вклучува во членот кој ги набројува соседните држави на Република Македонија.
Пленарната седница за амандманите е најавена за 9. јануари.