Чуден светлосен феномен на небото над Калифорнија (ФОТО/ВИДЕО)

Необично сјаен и невообичаен светлосен траг беше забележан во средата приквечер над северна Калифорнија, јавува CNN. Некои од жителите погрешно претпоставија дека се работи за лансирањето на сателит закажано во тоа време од United Launch Alliance. Меѓутоа, лансирањето било откажано, а тоа дополнително ја подгреа мистеријата.

Феноменот бил забележан и видлив околу 17:45 часот по локално време, од повеќе подрачја – езерото Тахо, долината Сакраменти и Заливското подрачје. Нешто подоцна, со свое објаснување се јави локалниот огранок на Државниот метеоролошки завод на САД:

Објектот сé уште не е точно идентификуван, но сé повеќе докази има дека се работи за метеорит кој формирал ноктилуцентен облак.

Што е ноктилуцентен облак?

Метеоритите околу себе можат да формираат ноктилуцентни облаци, појаснуваат од заводот. Ноктилуцентните облаци, т.е. ноќни сјајни облаци (самиот израз на латински значи „ноќно сјаење“), скратено означени NLC, се феномен кој под одредени услови се јавува во горниот дел од атмосферата на Земјата. Тие се формираат од ледени кристали и се видливи само за време на астрономскиот самрак, т.е. кога сонцето е зајдено зад хоризонтот на набљудувачот, но сончевите зраци сé уште ги осветлуваат облаците високо на небото.

Поновите истражувања покажуваат дека зголемените емисии на метан во атмосферата, штом молекулите на метанот ја достигнат мезосферата, формираат дополнителна водена пареа која создава или барем поттикнува почесто создавање на ноктилуцентни облаци.

Овие облаци се највисоките во Земјината атмосфера, лоцирани во мезосферата на височини од 76 до 85 километри. Преку ден се премногу „бледи“ за да бидат видливи со голо око, но стануваат лесно видливи кога се осветлени од сончевите зраци кога сонцето е под хоризонтот и не ги осветлува пониските облаци (кои се во сенка на Земјата, поради заобленоста на планетата, секако).

- Реклама -