Адвокатот Еленко Миланов, кој застапува тројца обвинети во предметот за 27 април, изјави денеска пред судот дека е контроверзен и проблематичен Законот за амнестија, кој беше изгласан вчера во Собранието. Според Миланов ќе има многу проблеми во примената на овој закон, но сепак, вели дека тој треба да се примени.
Миланов ги застапува обвинетите Игор Дурловски, полицискиот службеник Мунир Пепиќ и пратеникот Љупчо Димовски.
-Во однос на тројцата обвинети што ги застапувам, сметам дека овој закон треба и мора да се примени. По однос на Пепиќ неговата наредба не била да оди во Собранието, туку за следење на протест. Со самото тоа што лицето кое го следело влегло во Собранието, неговата обврска е да влезе. Нема никакви службени задолженија во врска со самото Собрание – рече адвокатот.
Според него примената на Законот за амнестија ќе се соочи со проблеми кога ќе треба да се толкуваат дејствијата кои им се ставаат на товар на обвинетите.
-Ние немаме докази цврсти за многу лица дека поседувале неовластено оружје. Немаме докази ниту дека некои лица со прикриен идентит презеле дејство на насилство. Вака како што е конципиран законот, каде стои „лица со прикриен идентитет“, се поставува прашањето дали овие лица треба да имаат и паралелно дејство на насилство за да бидат исклучени од амнестијата, а кај многумина го нема тоа. Ќе биде доста контроверзно и долго време нема да се одлучи по сите барања на оние кои ќе ги поднесат – рече тој.