Натпреварот „Burger Wars“ спроведен од Reborn.mk, на кој ресторани се натпреваруваа за титулата „Најдобар бругер во Скопје“, официјално заврши во недела (16 декември).
Ресторанот победник беше одреден преку гласови од публиката и оцени на четири-членото жири. Публиката гласаше така што со секој нарачан бургер во рестораните учесници, за време на натпреварот, беше доделувано гласачко ливче, на кое гласачот можеше да го оцени дегустираниот бургер на скала од 1 до 10.
Судиите, односно Гоце САФ, Софка Камилоска, Бобан Симоновски и Моника Потер, имаа прилика истовремено да ги дегустираат и оценат бургерите на секој ресторан, земајќи во предвид неколку критериуми: вкусот на лепчето, сосот, месото, изгледот и севкупниот квалитет на бургерот.
Во натпреварот учествуваа 11 ресторани од Скопје, а вкупно беа изедени неверојатни 1809 бургери во текот на една седмица. Од нив, првото место со највисоки оцени од публиката и жирито го освои Ресторан Маџо 2.0. Победникот, воедно, имаше продадено и наголем број на бургери, односно 349, иако тоа не влијаше врз одредувањето на крајните оцени.
Веднаш зад Маџо 2.0, второто место го освои ресторанот M’s Fish&Chips. Кај нив, од вкупно 301 продадени бургери во текот на наптреварот, 218 гласачи го оцениле бургерот со 10 ѕвезди. Тоа го прави овој ресторан со најмногу 10-ки добиени од публиката. Третото место пак, според жирито и според публиката, го освои ресторанот Rock Kafana Rustikana 2.0.
Покрај победниците, беа прогласени и шест гласачи, добитници на вредносни ваучери во трите рестораните победници во висина од 1000 и 500 денари, чие име беше случајно извлечено. Организаторите од Reborn.mk велат дека интресот за овој натпревар ги надминал нивните очекувања. Инспирирани од ваквиот успех, најавуваат дека и во иднина ќе продолжат да го поддржуваат и промовираат квалитетно кулинарство преку интеракција со јавноста.