Поранешен бугарски амбасадор во Македонија: Каракачанов да мисли пред да зборува… Македонски јазик не постои…

„Мене веќе ми е смачено во Бугарија да има политичари кои денес зборуваат едно, а подоцна токму обратното“, изјави поранешниот бугарски амбасадор во Македонија – Александар Јорданов во емисија на бугарската bTV, наведувајќи го примерот од јуни, кога Каракачанов рече: „Ние ја признавме земјата со тоа име, го признавме и македонскиот јазик“ и дека „ништо не го загрижува околу договорот меѓу Македонија и Бугарија“, за кој рече дека „ги ослободува двете земји од глупавата политика што се случуваше досега“.

Иронијата е што сега Каракачанов ја заплашува Македонија со блокирање на членството во ЕУ и НАТО ако Заев продолжи да тврди дека постои македонски јазик, истакнува Јорданов.

„Каракачанов на 16 септември имаше посета на Скопје во улога на министер за одбрана“, потсетува Јорданов, „и таму тој допушти неговиот говор да се преведува на македонски јазик без да се спротивстави на лице место. Ако треба да се противи на македонскиот јазик, требаше да се противи тогаш зошто му се преведува на македонски“.

„Според мене Каракачанов прави обид да се врати општиот дискурс како партиски лидер, заборавајќи притоа, дека тој е вицепремиер на држава, министер за одбрана, кој крена рака и гласаше за тој бугарско-македонски договор. И најмалку нему му прилега да глуми изненаден од тоа што тој договор подразбира различно толкување во двете земји“, вели Јорданов.

Јорданов се сложува со тезите дека Москва преку Каракачанов се обидува да го спречи членството на Македонија во ЕУ, но и дека неговите изјави се обид да го пренасочи вниманието од скандалите околу ВМРО-БНД и лошото раководење со бугарската армија.

Затоа Јорданов смета дека прво треба да се мисли, а потоа да се зборува, за разлика од Каракачанов, кој заедно со други бугарски политичари, смета тој, прво прифаќаат договори, а потоа им текнува дека требало претходно да мислат.

Јорданов додаде дека премиерот Зоран Заев го зборува тоа што го потпишал како договор со Грција:

„Во договорот со Грција, Македонија се откажа од претензиите кон античкото наследство, кое Грција го смета за свое, но за сметка на тоа го доби тоа што македонизмот како доктрина настојуваше да го добие низ сите тие декади, особено по 1945 година. А тоа е, граѓаните на таа идна Северна Република Македонија да имаат историја таква каква што ќе си кажат дека имаат“, вели Јорданов.

Јорданов, меѓутоа, смета дека бугарските политичари ја избегнале одговорноста и со договорот меѓу Бугарија и Македонија ја оставиле работата на група научници. Од научна гледна точка, смета Јорданов, македонскиот јазик е само дијалект на бугарскиот и таков јазик не постои. Но од политичка гледна точка, не е така, истакнува Јорданов.

Тој ја искоментира и таканаречената „заедничка историја“, која ја напомена и Заев во реакцијата кон Каракачанов (и другите):

„Што е тоа заедничка историја? Зошто, ако народите се различни, нема како тие да имаат заедничка историја. Заедничка историја може да создаде само еден заеднички народ“, заклучува Јорданов (видео ТУКА).

- Реклама -