Бесплатен јавен превоз, да, ама минимална плата им е 1.999 евра

Според податоците на Eurostat, 22 од 28 земји членки на ЕУ имаат национална плата, а заедно со нив и сите земји кандидатки за членство – Македонија, Црна Гора, Албанија, Србија и Турција.

Минимална плата немаат само Данска, Италија, Кипар, Австрија, Финска и Шведска.

Висината на бруто минималната плата во членките на ЕУ драстично варира од земја до земја – од 261 евра во Бугарија, до 1.999 евра во Луксембург.

Во првата група има девет земји – со минимална бруто плата до 500 евра. На дното е споменатата Бугарија, а на горната граница се Полска и Словачка со минималци од 480 евра.

Во втората група се шест земји – со минимална плата меѓу 500 и 1.000 евра. На долната граница во таа група е Естонија – со точно 500 евра, а на горната е Шпанија – со 859 евра.

Во третата, најбогатата група, се земјите во кои минималните примања надминуваат 1.000 евра. На долната граница во оваа група е Велика Британија, а на врвот предводи Луксембург, каде минималната плата е 1.999 евра.

Со минимална бруто плата од 282 евра, Македонија има 7 пати пониска минимална плата од Луксембург.

Не за џабе Луксембург е првата земја што воведува целосно бесплатен јавен превоз.

Инаку, според растот на минималната плата во последните 10 години, најбрзо напредуваат Романија и Бугарија. Земјата каде минималецот најбавно се зголемува е Хрватска, но со најновите покачувања за 2019-та, таа ќе се искачи во втората група – со минималец од 506 евра.

 

- Реклама -