Предупредување: Немилосрдна експлоатација на странците што работат во Германија

Работодавците во Германија редовно ги „искористуваат“ странците. Помалку ги плаќаат, ги вработуваат без договори за работа и ги присилуваат да работат прекувремено, без да им го платат прекувременото работење, предупредува германскиот Институт за човекови права.

Странските работници, меѓу кои и Сиријци и Ирачани кои пристигнаа во 2015-та, но и Романците, Бугарите и Латино-американците, се жртви на „немилосрдна експлоатација“ на работа, се вели во извештајот на Институтот поднесен до германскиот Бундестаг.

Работодавачите не се двоумат на странците да им исплаќаат значително помала плата од минималната, која моментално е 8.84 евра бруто на час. Некои странски работници мораат да работат и прекувремено, а тоа не им е платено, истакнува Институтот по обавениот разговор со десетици странски работници во Германија.

Ваквите ситуации почесто ги има во некои сектори отколку во други, се истакнува во извештајот, а меѓу таквите се градежништвото, фабриките за преработка на месо, но и во здравството, кај чистачките услуги, и во угостителството.

Во извештајот се предупредува и дека странците често работат без договор за работа и не добиваат исплатна листа за плата, што им го отежнува евентуалното покревање на тужба на суд. Нивните работодавачи не им уплаќаат ни социјални доприноси.

„Всушност, тие луѓе немаат речиси никаква можност да се обратат на суд во врска со барањата за плата“, истакна директорката на Институтот – Беате Рудолф при претставувањето на извештајот.

 

- Реклама -