Илон Маск дава чесен збор: Веќе нема да пуши трева во јавност

„Ако Илон Маск сака да прати Американци во вселената, не смее веќе на подкаст да пуши трева и пие виски“, изјави Џим Брајденстин – првиот човек на американската вселенска агенција НАСА.

Проблемите на Маск, или барем така презентирани во јавноста, почнаа кога на гостувањето во подкастот на популарниот Џо Роган заедно пиеја виски и запалија џоинт (студиото на Роган е во Калифорнија, каде рекреативната марихуана е легална). За волја на вистината, Маск ниту беше на работно место, ниту пак тој лично ги склопува ракетите, ниту пак повлече од џоинтот како што треба. Од друга страна, тој е човекот кој прв се заложи да го носи човештвото на Марс (и на подкастот носеше маичка со напис „Окупирај го Марс“), а неговата е првата компанија што вертикално слета ракети и испрати кола возена од кукла астронаут во вселената, без некоја посебна причина освен дека е кул.

Но медиуми како медиуми, сметаа дека џоинтот е најзначајното што треба да го пренесат од целиот 2.5-часовен и доста интересен разговор.

Шефовите на НАСА немаа друг избор освен да глумат блага згрозеност од постапката на извршниот директор на компанијата SpaceX, со која државната НАСА е во тесна соработка, и да побараат Маск примерно да се однесува во јавност.

„Таквото однесување воопшто не влева доверба“, рече Џим Брајденстин на новинарски прес во четвртокот.

НАСА му прати инспекција

Порано месецов, НАСА наложи инспекција во компаниите Boeing и SpaceX – кои ги снабдуваат со ракети, капсули за астронаути и друга вселенска опрема, за да истражи кои точно правила на однесување на работното место се воспоставени и дали работниците одговорно си ја работат работата. НАСА не даде конкретно образложение за причините за инспекцијата – единствено што наведе е дека ќе го проверува нивото на безбедност на работното место, но многумина тоа го протолкуваа како директна последица од џоинтот и вискито на Илон Маск.

Прочитајте и:  Илон Маск: „Оптимус“ и „Сајбертрак“ на Марс до 2026 година

„НАСА ќе изврши социолошка процена во координација со нашите комерцијални партнери за да се осигура дека компаниите ги задоволуваат критериумите на НАСА за безбедност на работното место, вклучувајќи го и опкружувањето во кое е забранета употреба на опојни средства“, пишуваше во соопштението. На пресот во четвртокот, Брајденстин потврди дека тој лично побарал инспекција.

Илон веќе нема да пуши трева во јавност

Брајденстин рече и дека неодамна разговарал со Илон Маск, кој му ветил дека веќе нема да направи такво нешто.

„Да, разговарав со него. Верувајте ми, безбедноста на астронаутите му е важна на Маск во иста мера како и на сите нас. Тој разбира дека не се однесувал примерно во склад со својата позиција. Така што веќе нема да го видиме јавно да изведува такви нешта“, рече челникот на НАСА.

Додаде и дека и пред „инцидентот“ на подкастот имал намера да прати инспекција во тие компании за да провери дали се задоволени сите сигурносни мерки наведени во договорот со НАСА вреден 6.8 милијарди долари, бидејќи и најмалиот пропуст можел да предизвика смрт или посериозни повреди на астронаутите и да ѝ нанесе огромна финансиска штета на вселенската агенција.

- Реклама -