Харадинај за „Вашингтон Пост“: Србија бара од Косово да направи невозможен избор

Во статија за Washington Post, косовскиот премиер Рамуш Харадинај пишува дека српскиот претседател Александар Вучиќ, со поддршка од Русија, нуди признавање, но, во замена за дел од територијата на Косово.

Србија, тврди косовскиот премиер во статијата, „сака да создаде етнички чиста држава, да им го одземе државјанството на луѓето и да ги протера од нивните домови“, а тоа е, според Харадинај „превисока цена“ за плаќање.

Според Харадинај, од Косово се бара да направи невозможен избор – избор кој би значел неблагодарност и потценување на жртвата на американските војници, избор кој би ја загрозил стабилноста на регионот и избор со кој Косово би се заканило на американските сојузници.

„Соочени со константните напади од Србија, чија цел е загрозување на нашиот суверенитет, безбедност и просперитет, има и такви кои би сакале Косово да се вовлече во таканаречено мирно етничко чистење на Балканот. Тоа е кратковид обид да се попушти пред насилникот во надеж дека насилството ќе престане. Ние тоа нема да го направиме – наместо тоа ќе се спротивставиме на оние кои се обидуваат да нé искористат, а истовремено ќе работиме и во правец на долготраен и сеопфатен мир“, пишува косовскиот премиер.

Прочитајте и:  Османи: Секое загрозување на правата на Албанците во С. Македонија ќе наиде на решително противење и единство на Албанците од цел Балкан

 

Во статијата Харадинај пишува и дека Србија и нејзиниот сојузник Русија одбиле да го признаат суверенитетот на Косово и дека се бореле да го блокираат приемот на Приштина во Обединетите Нации, како и дека Србија – кршејќи ја Бриселската спогодба за нормализација на односите, работела на тоа да го блокира патот на Приштина кон членство во ЕУ и многу други меѓународни организации.

Харадинај исто така повтори и дека со спречување на обидот на Косово да стане член на Интерпол, му се помогнало на организираниот криминал и нанесена е штета во внатрешното спроведување на законот.

- Реклама -