Вчерашната изјава за „Сител“ на Министерот за животна средина и просторно планирање – Садула Дураки, се покажа како добар освестувачки шамар за граѓаните за тоа кого сé поставуваме на функција, и тоа на функција чие (не)работење на полето на аерозагадувањето има директна последица врз нашите животи и здравје, за што секој ден читаме од домашните и светските медиуми.
Реакциите на изјавата не стивнуваат. Откако министерот порача дека „Македонија не е Швајцарија“ и дека „тој не се бавел со граѓаните“, граѓаните неизбежно почнаа да (се) прашуваат зошто тие не се бават со министерот, кога веќе е мистерија со што се бави тој, зошто го плаќаме, и зошто воопшто е министер.
Додека трае мистеријата, Дураки ќе продолжи да зема нето плата од 72.821 денари месечно, според алатката за отчетност на Владата, пренесува е-Магазин.мк.