Кабината на лифтот во еден од највисоките облакодери во Чикаго – John Hancock Center (на сликата), паѓала цели 84 спрата пред да запре и пред пожарникарите да добијат шанса да ги спасат заробените патници.
Во лифтот имало шест лица, меѓу кои и една трудница, кои се симнувале од прочуениот ресторан на 95. кат на зградата. Но набрзо еден од неколкуте кабли на лифтот пукнал и лифтот почнал да паѓа со зголемена брзина. Патниците чуле чудни звуци и почуствувале дека лифтот се движи многу побрзо и понерамномерно од тоа што некој би очекувал. Биле сигурни дека ќе умрат. За среќа, лифтот запрел некаде околу 11. кат, каде што пожарникарите го пробиле ѕидот и ги спасиле заробените патници. Дури тогаш спасените разбрале дека паѓале цели 84 спрата.
Тој и уште два други лифта во зградата во меѓувреме се затворени и такви ќе останат сé додека не се завршат потребните поправки и официјалната истрага за тоа што точно се случило.
По спасувањето, дел од патниците опишаа како изгледало да се биде во лифтот во тие моменти:
„На почетокот бев убеден дека ќе умреме. Одевме надолу и одеднаш почувствував дека паѓаме, а потоа се слушна силен звук – клак клак клак клак клак клак“, вели Jaime Montemayor од Мексико.
Неговата сопруга, Мана Кастиљо, додава дека лифтот се движел брзо и дека одеднаш во кабината почнал да навлегува материјал што личел на прав.
Спасувањето траело речиси 3 часа. Прво пожарникарскиот тим морал да го провери електронскиот систем на зградата за да има барем елементарна претстава за тоа каде се наоѓа лифтот (некаде околу 11. кат над паркинг гаражата). Потоа избушиле мала дупка во бетонскиот ѕид низ која инсертирале мала камера на флексибилна жица, за да разгледаат во внатрешноста и да одредат кој ѕид да го срушат.
„Потоа ставивме пружини за да се осигураме дека нема да продолжи да паѓа, бидејќи кабината беше нестабилна… Единствен друг начин да се дојде до лифтот беше да се спуштиме со јажиња од 97. кат, а тоа не е безбедно. Ние не се симнуваме како Бетмен, затоа моравме да одиме преку ѕидот“, објасни претставникот на чикашкиот противпожарен оддел.