Политичкиот прогон и терор станува основен метод на дејствување на оваа власт. Имаме киднапирана држава каде граѓаните се соочуваат со растечка сиромаштија, зголемени даноци, одземено достоинство, промена на име, идентитет. Ова се вистинските теми кои ја разголуваат неспособноста на власта која се дефокусира со други теми и прашања, како што е последните случувања врзани со случајот Груевски, пишува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски, на својот Фејсбук профил.
„Одговорноста за начинот на движење, методите и бегството на Груевски треба да се бара во власта, поточно во Заев и Спасовски. Иако притисокот, поточно прогонот кој го прави власта е политички мотивиран и е евидентен и многу јасен, самиот потег на бегство не го оправдувам, и тоа не е опција особено што други лица и нивните семејства ќе ги трпат последиците од таквата постапка. Оваа земја има поголем проблем, тоа е криминалната власт на СДСМ која мора да се спречи“, додава Мицкоски.
Во реакцијата на изјавата на Костадин Костадинов, од ВМРО-ДПМНЕ остро демантираат дека Мицкоски знаел или учествувал во било каков план што му овозможил бегство на Никола Груевски.
„ВМРО-ДПМНЕ најостро ги демантира лагите и манипулациите искажани од устата на портпаролот на единствениот политичар три пати аболициран за тежок криминал, Зоран Заев.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски ниту знаел, ниту учествувал во некаков план со кој што му е овозможено на Никола Груевски да избега од Македонија.
Аболицираниот Зоран Заев и министерот за прогон и терор Оливер Спасовски завчера точно знаеја дека Никола Груевски не е во штабот на ВМРО-ДПМНЕ. Знаеја, но одлучија политички да ја злоупотребат полицијата и институциите, да запираат легитимираат и претресуваат членови и активисти на партијата со намера да ги заплашат.
СДСМ и аболицираниот Зоран Заев и Оливер Спасовски го допреа дното.
Двајцата мора да си поднесат неотповикливи оставки заради нефункционирањето на институциите и разорувањето на Македонија.
ВМРО-ДПМНЕ не се согласува со заминувањето на Никола Груевски, тоа не е опција дури и кога сите знаат дека се работи за политички прогон. Така се загрозуваат и другите лица кои исто така се цел на тој прогон. И тоа се покажа, притворањето на дел од овие лица е дефокусирање од неспособноста на Заев и министерот за прогон и терор, Спасовски. Нивното притворање е политичка казна, а не правна санкција кон луѓе кои редовно и ревносно ги исполнуваа обврските кон судот.
Ишкањето на мувата од капите на Заев и Спасовски не и помага на Македонија и на правниот систем. Двајцата како лидери на криминалниот картел на власт мора да си заминат што поскоро“, стои во соопштението.