Јанкулоска: Нема потреба да ми биде одреден притвор

„Најостро го осудувам ваквиот чин бидејќи ќе влијае негативно на судските предмети во целост, а посебно во оние предмети каде сме заедно обвинети”, изјави вчера за бегството на Груевски поранешниот министер за транспорт и врски – Миле Јанакиески, и веќе утрово се најде во притвор.

Осуда за бегството на Груевски вчера во изјава за ТВ21 изрази и ексминистерката за внатрешни работи – Гордана Јанкулоска, но таа смета дека во нејзиниот случај нема потреба од притвор.

„Се наоѓам во Македонија и на крај памет не ми паднало да заминам било каде“, истакна вчера за ТВ21.

Пред почетокот на денешното рочиште за „Титаник“, пак, Јанкулоска (до)објасни зошто смета дека не треба да ѝ биде доделен притвор:

„За мене има определено мерки од страна на судот, јас ги почитувам мерките за претпазливост и не постои никаква причина да се преиначат. Нема причина да ми се одреди притвор“.

Јанкулоска е осудена на 6 години затвор за злоупотреба на службена должност и овластување во предметот „Тенк“. Пресудата е обжалена пред Апелацискиот суд, од каде сé уште нема одлука. Во меѓувреме на Јанкулоска ѝ е одземен пасошот, определена ѝ е и забрана за напуштање на живеалиште, т.е. Скопје, и мора еднаш неделно да се јавува кај судските служби.

 

- Реклама -