Претседателот на Собранието – Талат Џафери, најави вонредна координација со потпретседателите на парламентот и со координаторите на пратеничките групи, на која одново ќе се разгледува пратеничкиот статус на Никола Груевски.
„Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ го пријавуваше досега Груевски како отсутен од седниците, што се смета како оправдано отсуство. Таков допис добив и пред почетокот на денешната седница. Но, откако Груевски објави дека е во бегство имаме нова ситуација. Нелогично е тој и натаму да се третира како оправдано отсутен и да ги најавува отсуствата во неговата пратеничка група, кога самиот објави дека не е во државата туку дека е во бегство“, вели Џафери во изјава за Независен.мк.
Во собранискиот Деловник нема предвидено механизам за казнување кога пратеник е во бегство, но Џафери е уверен дека може да се најдат механизми за поинаку да се регулира статусот на пратеник кој не учествува во работата на законодавниот дом.
Она што Деловникот го предвидува, пренесува СДК.мк, е дека на пратеник кој не го известил претседателот на Собранието дека е спречен да присуствува на седница и неоправдано отсуствува три последователни дена, му се одбива 5% од платата за секој ден отсуство, за што решава Комисијата за прашања на изборите и именувањата.
Деловникот предвидува и одземање на пратенички мандат кога пратеникот неоправдано отсуствува повеќе од шест месеци. Процедурата е иста како и при претходниот предлог за одземање на пратеничкиот мандат на Никола Груевски. Тогаш, на 7 октомври, Собранието тоа не го направи бидејќи ја немаше поддршката од двотретинско мнозинство (т.е. 80) од пратениците.