TVR е еден од оние брендови кои прават навистина “незгодни” хардкор автомобили. Некои ги сакаат, повеќето не, некои воопшто и не слушнале за нив, но факт е дека во 1998-та TVR биле планетарно познати. Барем на кратко, нели секое чудо е за три дена.
Многу пред Bugatti Veyron и денешниве хипер автомобили, си беше еден автомобил кој кокетираше со бројката од 1000 коњски сили. Станува збор за TVR Cerbera Speed 12 или автомобилот на ѓаволот, како што го нарекувале.
Назад во 98-та, TVR го живееле својот сон. Биле визионери, кои биле инспирирани од надмоќноста на McLaren F1. Решени да прават свој “Франкештајн”, инженерите скршнале од своите вообичаени TVR патеки. Направиле автомобил кој не наликувал на ниту еден друг TVR претходно, чиј дизајн за тоа време бил радикален и невиден. Работното име Speed 12, го добива по успешното соединување на два V6 мотори на една радилица, позајмени од моделот Speed Six. Резултатите биле запрепастувачки: повеќе од 1000 коњски сили од 7.7 литарскиот атмосферски V12. Автомобилот бил пресилен и пресуден и за dyno мерачот (платформа на која се мери силата на автомобилот). Неофицијално, од фабриката тврделе дека Speed 12 можел да достигне максимална брзина од преку 400 километри на час!
Првичната идеја за проектот била Speed 12 да оди на Ле Ман, и да се натпреварува во класата GT1, во која се натпреварувал и McLaren F1. Во меѓувреме, големите компании како Porsche, McLaren и Mercedes-Benz дознаваат за потентноста на Speed 12, и правилата за класата GT1, набргу биле мистериозно променети. По се изгледа автомобилот на ѓаволот и TVR биле жртва на теорија на заговор. Како и да е…
Барајќи излез од ситуацијата во која запаѓаат, TVR како утеха го сели “ослабениот” Speed 12 во британскиот GT шампионат. Дури и таму, со “само” 700 коњски сили, возачите мака мачеле да ја пренесат силата на патеката, а во исто време и да останат на неа. Неофицијално, биле направени само пет “пали-вози” автомобили, од кои еден бил прототип, еден легален и три со тркачка спецификација.
Во 2000-та TVR решаваат да започнат со производство на сериски Speed 12. Првиот направен автомобил со преку 1000 коњски сили, бил изложен на Британскиот саем за автомобили каде што “паднале” и првите депозити од 160 илјади фунти за “убиецот на McLaren F1”. Арно ама, сопственикот на TVR Питер Вилер, возејќи се од саемот накај дома во својот Франкенштајн, констатира дека Speed 12 е невозможно да се управува безбедно во сообраќај, по што одлучува да го “убие” проектот Speed 12. Сите депозити биле вратени.
Од непознати причини, во 2003-та TVR решаваат да го продадат единствениот Speed 12 кој бил легален за во сообраќај на локален авто дилер. Овој автомобил со регистарски таблички од Велика Британија (W112 BHG), бил со електронски лимитирана моќ од 880 коњски сили и без огромното задно крило.
Новиот сопственик на Speed 12 има автомобил кој тежи само 945 килограми, со 880 коњски сили на задните тркала и без ниту еден систем кој би му помогнал во случај да автомобилот на ѓаволот стане непослушен. Храбар човек. Дури направил и веб страна посветена на Speed 12 (*едит: линкот прикажува сомнителни содржини, па ќе го изоставиме). Со оваа цивилна конфигурација, автомобилот достигнува максимална брзина од 386 километри на час.
Интересен е фактот дека Speed 12. добива огромен публицитет, појавувајќи се многу познати автомобилски магазини, еминентни ТВ шоуа и во планетарно познатата тркачка видео игра Gran Turismo. Од аспект на автомобилски ентузијаст, навистина ми е скршено срцето што TVR немале повеќе среќни околности со Speed 12. Замислете само колку би се променила автомобилската историја доколку проектот Cerbera Speed 12 бил успешен?!
^ На видеото: TVR Speed 12 на фестивалот на брзината Goodwood во 2000 година.
Со Брацо Моралиќ.
Сакаш уште? КЛИКНИ.