„Три-четири часа се доволни за Грција да ја снајде катастрофа“

„Грција ќе ја снајде катастрофа за само три или четири часа, доколку објави војна против Турција“, предупреди Џигит Булут – советник на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Со таквата изјава, Булут потврди дека останува на истиот став како кога изјави дека Грција не е предизвик за Турција, и дека меѓусебниот конфликт би изгледал како „мува да му објави војна на џин“. Се разбира, Булут е убеден дека џинот е Турција.

Заканата за грчка катастрофа, пак, ја упати неодамна на една локална телевизија, а следува по новите тензии меѓу Турција и Грција. Имено, порано месецов, Турција ја обвини Атина за користење на воени фрегати при пресретнувањето на турски истражувачки брод во Средоземното море. Грчкиот воен брод побарал од турскиот да се повлече, тврдејќи дека нема овластување за истражување на грчка територија. По овој инцидент, дојде до дипломатски препирки меѓу двете држави.

Булут и пред оваа изјава важеше за многу контроверзна политичка личност во Турција. Ердоган го именуваше за висок советник во 2013-та, а подоцна Булут стана и главен економски советник.

- Реклама -