Кој ќе го замени Груевски ако му биде одземен пратеничкиот мандат?

Минатата седмица судијката Добрила Кацарска испрати допис до претседателот на Собранието – Талат Џафери, а вчера известувањето дека има пресуда за пратеникот Никола Груевски го добил и претседателот на собраниската Комисија за мандатно имунитетни прашања – Павле Богоевски. Според собранискиот Деловник, Богоевски има 15 дена да свика седница на Комисијата за имунитетно мандатни прашања.

Според Уставот, на пратеник може да му биде одземен мандатот кога е осуден за кривично или друго казниво дело што го прави недостоен за вршење на функцијата пратеник, како и за неоправдано отсуство од Собранието повеќе од шест месеци. Но дури и собраниската комисија да одлучи дека пратеникот Груевски е „недостоен за вршење на пратеничката функција“ и да препорача одземање на мандатот, за тоа ќе бидат потребни гласовите на 80 пратеници во парламентот, т.е. двотретинско мнозинство.

Според извори на Плусинфо од Собранието, тоа сепак ќе биде тешка борба, бидејќи во новата пратеничка група постои поделеност по прашањето за одземање на мандатот на поранешниот, а сега почесен претседател на партијата од која беа исклучени.

Ако сепак се изгласа одземање на пратеничкиот мандат на Груевски со двотретинско мнозинство, на неговото место во Собранието, согласно пратеничката листа од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За Македонија заедно“ за последните парламентарни избори, ќе седне Ѓорги Камчев.

Извори: Плусинфо, Независен

 

- Реклама -