Грчкото министерство за култура соопшти дека грчко-американски археолошки тим лоцирал траги од уште три антички брода кои пренесувале грнчарија, како и два од подоцни времиња, во „бродските гробишта“ во источниот дел на Егејското Море.
Остатоците се најдени минатиот месец кај островот Фурни и околните острови, меѓу Икарија и Самос.
Постарите бродови потекнуваат од периодот од 4-от до 2-от век пред н.е., а поновите од 5-от до 6-от век од нашата ера.
Заедно со овие, бројот на остатоци од бродови најдени кај островот Фурни достигнува 58.
За ваквите бројки и титулата „бродски гробишта“, заслужни се карпите и морските струи, како и многу силниот секојдневен ветер. Тоа и денес ја прави опасна таа точка на поморските рути, а во минатото токму затоа таму демнеле разбојници.