Обложувачниците и казината во Албанија ги преживуваат своите последни денови

Од 1-ви јануари 2019-та, во Албанија ќе бидат затворени сите спортски обложувачници, одлучи неодамна владата во Тирана. Одлуката е веќе вградена во дополнувањата на Законот за игри на среќа во земјата.

Според наведеното во истите, ќе бидат затворени и сите електронски казина – кои во моментов ги има безмалку насекаде на главните улици низ албанските градови, а од 1-ви јануари ќе бидат достапни само во хотелите со 5 ѕвезди кои се наоѓаат надвор од урбаните подрачја, пренесува Al Jazeera.

Во пораката што албанскиот премиер Еди Рама ја упати до членовите на Парламентарниот одбор за економија, тој увери дека по затворањето на обложувачниците и казината нема да има „онлајн монопол“ (т.е. монопол од страна на онлајн казината), но и ги искоментира најгласните критики кон оваа драстична мерка на владата:

„Почнаа да стигнуваат пораки на мобилните телефони против затворањето на обложувачниците. Тоа е оркестрирано од затворите и од оние кои се кријат зад компаниите, па немојте да паничите и да ги слушате клеветите за ‘онлајн монопол’, бидејќи ќе нема никаков монопол“, пренесува албански Top channel.

- Реклама -