Помина референдумот, Хабиб го истепа Конор Мекгрегор, а Throttle/Brake по кратката пауза е повторно назад во етерот на бесконечноста.
Иднината е пред прагот на основоположникот на британскиот мотоспорт и омилениот автомобилски бренд на агентот со дозвола за убивање. До пред само две-три години уживавме во тврдокорноста и во звуците на нивните V12-ки, но времињата се сменија, па струјата почна да ги “пецка” дури и најголемите заговорници на големите атмосферски агрегати. Од друга страна пак, SUV сегментот ги живее своите славни “пет минути” и генерира вртоглави суми во касите на производителите, а “тврдокорните” производители на спортски автомобили се најдоа пред огромно искушение. Замислете, дури и Ferrari го најавија нивниот FUV наречен (Purosangue) Пуросангве (превод-чистокрвен) за 2022 година. Lamborghini Urus веќе се продава како алва, Alfa Romeo Stelvio и Maserati Levante се миленици на дамите, а Bentley дури извадија и “поевтина” V8 Bentayga.
Пред четири години на чело на Aston Martin дојде Енди Палмер и компанијата заврте сосема нова визионерска страница. Британците станаа партнери со F1 тимот на RedBull, и од тој ортаклук како дериват се роди преамбициозниот мега автомобил Valkyrie. Ги здружија силите и со Mercedes-Benz, кои несебично ги даруваа со најдобрите V8 битурбо агрегати. Но за компанија која нема масовно производство и чии главни конкуренти се Porsche и Ferrari, секој амбициозен проект е скап, па затоа господинот Палмер предложил да се направи SUV за спас на компанијата. Во 2015-та година на саемот во Женева го видовме концептот Aston Martin DBX, во форма на SUV купе, кој кон крајот на оваа година ќе добие уште две врати и уникатно име на буквата “V”, Varekai.
Aston Martin Varekai е првиот сериски SUV на британскиот производител, кој моментално е во производство. Ќе се појави на почетокот на 2019-та година, и ќе биде директен ривал на Bentley Bentayga, Lamborghini Urus, Maserati Levante и секако на пионерот Porsche Cayenne, со кој ќе има скоро идентични димензии. Кога сме кај робузноста и карактеристиките на Varekai, Енди Палмер во една своја претходна изјава, нагласи дека убавината и возните својства на супер спортскиот теренец нема да бидат компромитирани во ниту еден случај. Тогаш возните својства на првенецот ги спореди со оние на Porsche Macan.
Неофицијално, под хаубата ќе се монтираат два агрегати. Првата опција е 5.2 литарскиот V12 битурбо, кој моментално се наоѓа во моделот DB11 и Superleggera, додека како втора опција ќе се земе впредвид “позајмениот” 4.0 литарски V8 битурбо од Mercedes-Benz и сетиран од Aston Martin, кој ги придвижува моделите Vantage и “послабиот” DB11. За Енди Палмер дизелот е “мртов”, а за хибридното засилување смета дека е во ред, но не е неопходно за Varekai.
Овој автомобил ќе биде дел од новиот имиџ на Aston Martin, и ќе има за цел да се наметне на женската популација, каде овој сегмент е всушност најпопуларен. Што се однесува до дизајнот и појавата, дури и на невидено можам да тврдам дека Varekai ќе биде џипот по кој ќе се вртат сите. Што се однесува до перформансите, не очекувајте ништо помалку од силата и брзината на Urus.
Кога во 2015-та за првпат се појави концептот DBX, сите линии од дизајнерскиот јазик зборуваа дека автомобилот мора да биде електричен, но како што одминува времето, станува се поизвесно дека за електричниот и ултра луксузниот сегмент, ќе се грижи братската Lagonda (целосното име на британскиот производител е Aston Martin Lagonda). Концептот беше поставен на една од постоечките платформи, додека Varekai ќе седи на целосно нова платформа и ќе има карактеристики кои ќе бидат сосема различни од оние на DB11 и Vantage. Првите примероци на Varekai ќе можеме да ги видиме на улиците кон крајот на 2019-та година.
За крај, ќе спомнам… браво за дамите и нивната инволвираност во сообраќајот, мотоспортот и љубовта кон автомобилите. Навистина заслужуваат да влезат во конзервативните Aston Martin кругови со еден убавец како Varekai. Без да ми замерат припадничките на понежниот пол, би сакал да констатирам дека токму тие (дамите) и SUV сегментот се алката што недостасуваше. Наравоучение, повеќе дами во SUV, повеќе спортски и супер автомобили.
Aston Martin RapidE
Кога првпат го видов моделот Rapide пред мене, во живо, бев толку воодушевен од неговата убавина и појава, па во истиот момент си реков дека ова е најдобрата супер-спортска луксузна лимузина на сите времиња. Неколку години потоа, на моја огромна радост, имав прилика и да возам еден. Всушност беше Rapide S, светло зелен металик. Многу убавина и сексапил во едно, уникатен Aston Martin звук кој сака да ги пробие звучните тапанчиња и многу нефункционалност!? Да, седнав во возачкото седиште, спортско со високи рабови кои беа преслечени во префинета индиго сина кожа. Кристалниот клуч го ставив во слотот во средината на централната конзола и нешто кликна. Брзинометарот и мерачот на вртежи кој врти обратно светнаа, направија тест и 5.9 литарскиот V12 се разбуди. Бев прилично возбуден и сакав во истиот момент да притиснам на педалот за гас, колку што можам повеќе, но разумот ми велеше да се смирам, и да бидам претпазлив бидејќи автомобилот не е мој. Така и беше, со помош на 550-те коњски сили, за само 5-6 секунди го забрзав “Рапидот” до 130 километри на час, сосема доволно за да уживам во симфонискиот атмосферски V12 оркестар. Одличен автомобил, се додека не се обидете да седнете на задната клупа… Знам дека ќе речете “не ми е гајле за тоа што се случува на задната клупа”, но Rapide се продава како супер спортска лимузина, по почетна цена од 200.000 евра, така да… Што мислите за поубав, поудобен и побрз RapidE? Електричен на пример?! Јас сум за! Сега читајте внимателно. Aston Martin и Формула 1 тимот на RedBull ги здружија силите со цел да го направат првиот мега автомобил на Aston Martin, Valkyrie. Моментално тие се и официјални партнери во најелитното натпреварување, односно Британците се главните спонзори, а тимот го носи името Aston Martin RedBull Racing. Наредната сезона, болидите на RedBull ќе бидат придвижувани од моторите на Honda, и Aston Martin не гледа никаков проблем во тоа. Лани во декември, во округот каде што е сместен еден друг Формула 1 тим, Williams, беше забележан Aston Martin Rapide, со логото на легендарниот тим, како скоро безшумно се движи по тесните улички. Погодувате за што станува збор? Експерименталниот прототип на електричниот модел RapidE. Бај д веј, просто, но генијално решение за името на новиот модел.
Решив оваа цела епизода да им ја посветам на Британците, само поради фактот дека почнаа да прават и ќе прават навистина добри спортски автомобили. Очекувајте многу од Aston Martin, бидејќи ги имаат здружено силите со најдобрите. За шасиите и аеродинамиката, тука е тимот на RedBull и Адријан Њуи. За големите V12 мотори ќе се грижи Cosworth, а помалите се на Mercedes-Benz. За хибридноста им помагаше Rimac, а за електричните агрегати се здружиле со Williams. Згора на се ова, ги имаат најдобрите дизајнери во светот и огромна традиција. Да се вратам на RapidE.
Aston Martin RapidE ќе биде целосно електричен модел базиран на филозофијата за наследникот на Rapide. Ќе има 602 коњски сили од 65 kWh батерија, кои ќе го придвижуваат до стотка за помалку од 4 секунди, а макаималната брзина ќе биде ограничена на 250 километри на час. Батеријата ќе има можност за брзо полнење, со трансфер на енергија од 800V. За разлика од својот ривал Porsche Taycan, каде батеријата е поставена на подот во вид на скејтборд, RapidE ќе ги замени моторот, менувачот и резервоарот за гориво, со 5600 литиумски цилиндрични ќелии и два електро мотори кои ќе бидат монтирани во задниот дел. Колку километри ќе поминува новиот RapidE со едно полнење на батериите? 320 кокиметри WLTP (Worldwide Harmonized Light-Duty Vehicles Test Procedure), а благодарение на брзото полнење, за еден час полнење, добивате скоро 300 километри возење.
Ќе бидат направени само 155 примероци, кои ќе се најдат на пазарот во четвртиот квартал од 2019 година. Цената за Aston Martin RapidE ќе започнува од 285.000 евра.
Бидете сами свој Џејмс Бонд
Идриз Алба нема да биде новиот 007, но затоа вие можете да бидете Бонд, Џејмс Бонд. Или барем да се чувствувате така, возејќи го неговиот најпрепознатлив автомобил, Aston Martin DB5 од филмот “Goldfinger”со сите негови гаџети. Додуша, нема да има ракети, но регистарските таблици ќе можете да ги менувате.
Старо новиот DB5, кој треба да го очекуваме во 2020, ќе биде придвижуван од мотор со зафатнина од 4 литри (3,995 кубни центиметри) со шест цилиндри наредени во права линија, односно еден позади друг. Ќе испорачува 282 коњски сили, кои автомобилот од Q дивизијата ќе го забрзуваат до максимални 240 километри на час. Ако сте по “брканиците” со пријателите и непријателите, DB5 007 до стотка ќе забрзува за 7,1 секунди. Ќе бидат произведени само 25 “Goldfinger” DB5-ки, па ако сакате да бидете дел од “Licence to kill” авантурата, ќе треба да издвоите 3 милиони евра. Не е евтино да се биде Бонд, Џејмс Бонд, но You only live twice.
Со Брацо Моралиќ.
Сакаш уште? КЛИКНИ.