43 минути молк на трибините на Џенова

Првиот натпревар на стадионот Луиџи Ферарис по несреќата во која рушењето на 80-метарски дел од мостот кој ја спојуваше Џенова со брегот на јужна Франција – заврши со жртви, започна со минута молк за недолжно загинатите.

Но, по барање на навивачите на италијанскиот клуб до останатите на трибините, во тишина поминаа и следните 43 минути од натпреварот против Емполи, во знак на почит за секоја од 43-те жртви, односно „по една минута молчење за секое дете, работник, студент, татко и мајка кои повеќе не се помеѓу нас“.

Натпреварот делуваше како да се игра пред празни трибини. Молкот, попречен само од понекоја ретка гласна воздишка или негодување, владееше и при двата постигнати гола на домашниот тим во првите 20 минути, за сето тоа да кулминира во 43-тата, кога целата публика стана на нозе и со громогласен аплауз ги поздрави загинатите чии имиња беа испишани на семафорот.

По 43-тата минута, мечот продолжи во вообичаена атмосфера, а на крајот Џенова славеше со 2:1.

виа Кајгана

- Реклама -