Официјално: Ванчо Петрушевски загина од струен удар

Вчера со тага Македонија ја дочека веста за смртта на големиот актер Ванчо Петрушевски.

За жал, излезе дека се точни првичните информации, дека актерот загинал во несреќен случај, како последица на струен удар. МВР денеска ја потврдија оваа информација и истата е евидентирана во денешниот Билтен.

Актерот бил качен на метална скала и се обидувал да заварува пластични цевки. Тој починал на лице место.

Денеска неговите колеги се простуваат од него. Информацијата прв ја пренесе актерот Сашо Тасевски, директор на Драмски театар. Жалење изрази и поранешниот директор на оваа институција, Роберт Вељановски, кој напиша дека мислел дека ова е уште една од шегите на Петрушевски.

Во летниот период, Петрушевски често престојувал во неговата викендичка во Орешани, каде се одмарал и си го наоѓал мирот. Судбината сакала неговиот живот таму да заврши.

Она што ќе остане, се неговите незаборавни улоги во театарските претстави, македонските народни приказни и филмовите.

- Реклама -