Лазе Велковски останува во МВР и по евентуалното разрешување

Лазе Велковски, директор на Бирото за јавна безбедност, ќе остане во МВР, дури и ако Владата на утрешната седница го прифати предлогот за негово разрешување, поднесен од министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

Премиерот Зоран Заев смета дека Велковски е исклучително важен за службата и еден од неговите први соработници, како и еден од првите соработници на министерот Спасовски.

„Исправен пред заканите за него и за неговото семејство, Велковски ја направил грешката. Владата утре ќе го разгледа предлогот за негово разрешување и ќе донесе одлука. Не сме размислувале кој ќе го наследи доколку предлогот биде прифатен, веројатно ќе ни треба време за одлуката“, рече премиерот Заев.

Тој нагласи дека за една година и два месеца, колку што постои оваа Влада, биле разрешени повеќе од 20 луѓе и дека кој и да згреши, треба да одговара.

МВР извести дека директорот Велковски на Илинден, без решение, со службен џип и обезбедување, ја испратил ќерка си во Грција оти тој бил зафатен со прославата.

- Реклама -