Кога последен пат сте направиле нешто добро за светот? Сега имате шанса, донирајте за Кајли Џенер да стане (најмладата) милијардерка.
Ние се шегуваме, ама обожавателите по социјалните мрежи се мртви сериозни. На чело со Џош Островски (Инстаграм селебрити), инстаграмџиите покренаа онлајн кампања за фундирање со цел на 20-годишната Џенер, која Форбс ја проценува на 900 милиони долари, да ѝ дособерат уште 100 милиони за да стане најмладата милијардерка на светот.
„Кајли Џенер беше на насловната страница на магазинот „Форбс“ бидејќи поседува богатство од 900 милиони долари. Од тоа се крши срцето. Не сакам да живеам во свет каде што Кајли Џенер нема милијарда долари“ – пишува Џош Островски.
Ние, како што пишавме во насловот, не сакаме да живееме во свет во кој Кајли Џенер има милијарда долари, зашто тоа може да значи дека кампањава всушност успеала, а тоа ќе значи дека светов целосно полудел. Меѓутоа, потврдено е дека најмалку 90 луѓе се сложуваат со Островски; имено, донирале вкупно 2.000 долари во првите два дена. Во просек тоа ќе му дојде по 1.150 денари од човек…
Разумни, фала богу, уште има. Кампањата наиде на остри критики, бидејќи во ова време кога на милиони луѓе им е потребна вистинска помош, донирање за богатите да заокружат парични цифри е просто нечовечко.
Критики беа истрелани и кон магазинот Forbes, зашто напиша дека Џенер е на пат да стане најмладата „самосоздадена милијардерка“. Да, Кајли има своја компанија за козметика „Кајли козметикс“, но богаташката е сé освен „самосоздадена“ – потекнува од страшно богато семејство.
виа Нова Македонија