Причините за смртта на родилката од Свети Николе сè уште непознати

Дури и по 20 дена од настанот, уште не се познати причините за смртта на светиниколчанката Маја П., која почина само неколку часа откако роди здраво машко дете.

Резултатите од обдукцијата и извештајот од Комисијата за здравство уште не се пристигнати во Клиничкиот центар во Штип, каде и се случи немилиот настан.

– Комисијата треба да го напише извештајот, кој наверојатно ќе го достават до оние кои ја формирале таа комисија. Ние засега немаме никаков пишан документ, ниту од комисијата, ниту за обдукцијата, која се изврши врз починатата родилка. Во моментов немаме никакви информации, кои би можеле да ги споделиме со јавноста – рече директорот на Клиничката болница-Штип, Ален Ѓеорѓијев.

Според Министерството за здравство, извештајот сè уште е во изработка и ќе биде доставен до Клиничката болница во Штип веднаш штом ќе биде комплетиран.

Е.Д.

- Реклама -