Мајка од Берлин ја запишува својата ќерка во градинка. Градинката одбива да за ја запише малата. Проблем било името.
Малата се вика Ела. Можеби првата помисла за нејзиното недобивање „датум за преговори“ ќе ви биде дека пар плачковци се побуниле зашто во тоа име нашле некакво си значење кое е навредливо за верата, националноста, полот или слична друга категорија на која би ѝ припаѓале и самите тие плачковци. Такви слични случаи не му се непознати на Западот.
Ама не. Друго е причината, барем според краткото објаснување од градинката соопштено во и-мејл порака. А тоа е следново:
„Жалиме, веќе имаме една Ела”
Ете, во групата во градинката веќе имало друго девојче по име Ела, па две девојчиња со исто име би биле проблем, бидејќи кога ќе им се обраќале, на девојчињата немало да им биде јасно за кое од нив се однесувало тоа име, пишува (парафразирано) во мејлот.
Родителите, очекувано, се шокирани од ваквата апсурдна дискриминација, и во отсуство на минимум разумно објаснување (без да имаме идеја што би можело да биде таквото), веројатно се подготвени и да тужат. Впрочем како што направи и Македонија, со таа разлика што родителите на Ела, откако ќе ја добијат тужбата, веројатно ќе добијат и отштета, а не договор за промена на името на ќерка им.
И на социјалните мрежи врие од сеир, впрочем како и во случајот на Македонија и нејзиното име. За ситуацијата на Ела, коментарите се од типот:
„Имињата на децата мора да се состојат од најмалку 12 знаци, еден број и еден интерпукциски знак”, напиша еден корисник.
„И секои 90 дена треба да се менуваат”, додаде саркастично друг.
Трет заклучува: „Веќе нема да се чудам на луѓето кои го нарекуваат своето дете Брумхилда.”
За крај, поздрав од нас до градинката, и оваа малата во Германија, и онаа големата, европската и евроатлантската.