И Франција ќе си го менува уставот, ама…

Одборот на Парламентот на Франција едногласно одлучи да го промени првиот член во својот Устав. Ама не, нема да си го менуваат името, ниту ќе си го погазуваат правото на самоопределување под принуда.

Не, туку ќе се исфрли зборчето „раса“, а на неговото место ќе се забрани „разликувањето врз основа на пол“.

Ако амандманите поминат и на пленарната седница на која ќе се разгледува измената на Уставот, таа реченица во членот 1 ќе гласи:

„Франција гарантира/обезбедува еднаквост на сите граѓани пред законот, без разликување по однос на полот, потеклото, или верата“.

Досега гласеше: „разликување по однос на потеклото, расата, или верата“.

Сите пратенички групи се сложни во барањето за бришење на зборот „раса“ од Уставот, со образложение дека од денешен аспект може да биде лошо сфатен, но и главно зашто е неоснован – не постојат вистински разлики меѓу луѓето во поглед на расата. Зборчето и онака е внесено во уставот во 1946-та, со цел по периодот на нацизмот да се отфрлат расистичките теории.

Отстранувањето на зборот „раса“ нема да значи дека Франција ќе ја омекне борбата против расизмот, убедуваат француските парламентарци.

- Реклама -