Откако вчера премиерот Заев во „Само вистина“ на Канал 5 порача, па и му се закани на претседателот Иванов со импичмент ако не го потпише договорот со Грција, т.е. ако ги блокира процесите во Собранието, денес од кабинетот на Ѓорге Иванов пристигна писмена реакција на, според него, изнесените невистини и закани од страна на претседателот на Владата на Република Македонија.
Нашиов наслов, кој е игра на зборови од еден познат стих на САФ, прилично добро ја опишува бестрашноста во одговорот на претседателот, во стилот на маалските тепачки и она „ајде на ферка, позади гаражи, кога сакаш“:
„Го повикувам господинот Заев со истото тоа двотретинско мнозинство кое е неопходно за менување на Уставот на Република Македонија, веднаш да покрене постапка за утврдување на одговорноста на претседателот на Републиката, односно импичмент. Мојот став во однос на штетниот договор за името е конечен и останува непроменет и покрај сите искажани закани и притисоци“, се наведува во писмената изјава на претседателот Иванов испратена од неговиот Кабинет.