Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, оценува дека постојат длабоки поделби помеѓу САД и европските држави, и дека тие поделби нема да исчезнат. Како последица, трансатлантските односи, но и западниот воен сојуз, се во опасност.
“Политичките облаци” не смеат да ја ограничат и негативно да влијаат на безбедносната соработка, вели Столтенберг за The Guardian, но разликите меѓу САД и другите западни земји во трговијата, климатските промени и иранскиот нуклеарен договор се вистински и нема да исчезнат преку ноќ.
„Никаде не е врежано во камен дека трансатлантските односи секогаш ќе напредуваат. Меѓутоа тоа не значи дека распадот е неизбежен”, рече Столтенберг.
Потсети и дека разликите во мислењата и кризите не се ништо ново, наведувајќи како пример неколку поголеми спорови во НАТО, меѓу кои и последниот во врска со војната во Ирак во 2003 година.
Генералниот секретар на НАТО, исто така потсети и дека, според него, од создавањето на НАТО сојузот пред 70 години, “народите на Европа и Северна Америка уживаат во период на мир и просперитет”.
Извор: АЛСАТ