Здружението „МАТА“ објави конкурс со кој ќе се подобрува понудата на сувенири за Скопје, за подобар имиџ на градот, преку креирање нова понуда на сувенири.
Истовремено, велат од здружението, преку овој конкурс ќе се овозможи идентификација, промоција и вклучување на креативниот дизајнерски потенцијал со цел да даде свој директен придонес во креирањето модерни и во духот на времето сувенири.
„Kреирањето на сувенирите во современите туристички понуди, веќе не е само во рацете на стихијната креација на занаетчиите и ракотворците, туку сè повеќе е резултат на јасно дефинирани дизјнерски и маркетинг активности кои го создаваат имиџот, промовираат и презентираат градот, со цел на подолги патеки да се изгради и создаде бренд на Град Скопје. Големото Јаболко (Њујорк), Златната Прага (Прага), Градот на седумте ридови (Рим), се само мал дел од убавите примери на јасно изграден бренд за градот“, велат од здружението.
Основни критериуми се иновацијата и креативноста, културолошката вредност, практичност и можност дизајнот да се произведе, продажен потенцијал и еколошка издржаност на производот.
Сите останати детали за конкурсот, наградниот фонд и начините на пријавување може да се видат тука.