Вработените во хрватската компанија Техникс од Долни Краљевац веќе немаат долгови. Со одлука на директорот, компанијата им позајмила вкупно 250.000 куни (околу 34.000 евра), т.е. од 5 до 25 илјади куни (од 680 до 3.400 евра) на секој задолжен работник поединечно.
Директорот на компанијата – Ѓуро Хорват, таквиот потег го одобрил затоа што работниците во неговата компанија дошле од други фирми со блокирани сметки, па поради тоа Техникс не можела да им исплати плати. Но тоа е само дел од причината.
„Му кажав на шефот за финансии да разговара со нив и да го реши проблемот. Ги тргнавме луѓето од банките со големи камати. На некои највредни работници им ја зголемивме платата, така што не чувствуваат дека отплаќаат рата. Тоа е едноставен модел, а на тој начин може да се спречи иселувањето од државата. Во Хрватска е најубаво, но доколку човек има плата од 3.000 (400 евра) или 4.000 куни (540 евра), тогаш е невозможно овде да живее“- вели Хорват.
Директорот се фали и дека паралелно со ова, им ја зголемил и платата на работниците. За возврат, зголемена е продуктивноста и квалитетот во компанијата, па со тоа и конкурентноста на пазарот.
Вработените во Техникс добиваат и 5% поголема плата ако не пушат. Според Хорват, продуктивноста кај пушачите е помала, а се зголемува и ризикот од повреда на работното место.
Освен сите овие условно речено „удобности“, компанијата нуди и 5-процентно зголемување на платата за сите работници кои ќе добијат дете.
Просечната плата во неговата компанија е околу 1.200 евра, а најниската е 1.000 евра.
виа Фактор.мк