Во паркот на ветераните во американската држава Конектикат е откриен споменик на едно од најпознатите кучиња што учествувале во војна.
Се работи за скулптура на мешаниот териер Stubby (веројатно нагалено од „тврдоглавo“, т.е. „stubborn“), кој заедно со единицата од Конектикат завршил во Европа во текот на Првата светска војна. Кучето се прославило по способноста да ги предупреди војниците на претстојни напади со гас, но и по своите трагачки способности за ранети на боиштето. Не само што ги наоѓал, туку Стаби останувал со ранетите сé додека не пристигнела помош.
Неговата приказна од скоро е преточена во анимираниот филм „Sgt. Stubby: An American Hero“.
Бронзената скулптура е кулминација на тридецениските напори на овој четириножен херој да му се подигне споменик. Идејата потекнува од семејството на Роберт Конрој – војникот кој го посвоил Стаби во текот на обуката.
„Сакав да го овековечам неговиот прекрасен дух. Неговата одважност. Неговата храброст. Неговата способност да ги расположи трупите и на боиштето, и дома“, вели уметницата која ја изваја скулптурата.