Throttle/Brake – епизода 79: Најголемиот дијамант во светот – Cullinan

Се започна со Лоренс од Арабија и неговите пустински авантури со “Духот на Фантомот на Екстазата”. За неговата единица составена од девет Rolls Royce Ghost, Лоренс рече дека е повредна и од пустинските рубини.

Луѓето во Rolls Royce едноставно го сакаат луксузот и скапоцените камења, па инспирирани од авантурите и херојските подвизи на Лоренс од Арабија, го прават најголемиот и најлуксузниот SUV автомобил. Не случајно, го нарекуваат Cullinan, по најголемиот дијамант (сина боја) во светот, кој е најден во Јужна Африка (Great Star of Africa), а по некоја “случајност” завршил во приватната колекција на Кралицата Елизабета II. Еден век подоцна, Британците (со германски газди), се повторно во поход да го освојат средниот и далечниот Исток. Нивна мета се богатите миленијалци и оние со авантуристички дух и неколку модели на Rolls Royce.

Cullinan е автомобил кој го редефинира сегментот SUV (sport utility vehicle). Да бидеме реални, ова возило нема никаков спортски карактер, па затоа буквата “S”, која стои за спорт, би ја заменил со “L” која ќе стои за луксуз, и Cullinan би бил првиот LUV (luxury utility vehicle) во светот. Ама они си знаат.
Структурата (шасијата) на Cullinan е еволуирана форма на таканаречената Архитектура на Луксузот, која го опслужува феноменалниот Phantom. На неверојатната смиреност и удобност на осмата генерација на Phantom, е додаден простор, повпечатлива појава и софтвер и хардвер за да оди (Cullinan) на места каде најголемата лимузина не може. Да речеме дека Cullinan е врвниот бодигард на Phantom.

Новата шасија на која е направен Cullinan, е за 30 проценти поцврста од онаа на која се наоѓа Phantom. Ова подобрување е во полза на гигантскот 4×4 и неговата транзиција. Од Rolls Royce велат дека единствената задача на оваа шасија, менувач и мотор е да направат да се чувствувате како да летате со магичен килим по облаците, брз разлика на каков терен се движите. Замислете, Cullinan користи стерео камери кои го скенираат патот и се консултираат со сателит во орбитата (да, сателит) и испраќаат сигнали до воздушната суспензија, која секоја секунда се менува и се прилагодува на теренот и брзината. Навистина уникатно решение. Моторот е 6.75 литарскиот V12 твин турбо, кој се наоѓа и во Phantom, и испорачува 563 коњски сили и 850 Nm кои ви се на располагање од 1600 вртежи во минута. Максималната брзина е електронски ограничена на 250 километри на час. Забрзувањето не е ни битно, бидејќи луѓето кои возат Rolls Royce не забрзуваат. За возењето да биде магично, покрај суспензијата се грижи и свилениот ZF 8HP 8 степен автоматски менувач. Cullinan е опремен со системот за вртење на сите четири тркала, бедијќи е SUV со гигантски пропорции (5,34 метри и 2660 килограми) и се подразбира да агилен низ најразличните терени и услови.

Внатрешност…

Морам да го употребам зборот bespoke. Доколку некој од вас имал прилика да се најде во внатрешноста на било кој Rolls Royce, најверојатно ќе го употреби истиот англиски збор-bespoke. За прв пат во еден Rolls Royce ќе сретнете и нешто функционално. На пример, доколку сте големо семејство, можете да ја конфигурирате задната клупа, со тоа што мултифункционалната преграда ќе ја замените со седиште за уште една особа. Но, најголемото изненадување се наоѓа во багажникот. Со притискање на копче, од багажниот простор излегува платформа на која има две седишта (столчиња) и во средината маса. Идеална опција за авантуристи, позери, романтичари и за пиење пиво. Нормално, после пивото нема да со управувате возилото.

Внатрешноста на Rolls Royce Cullinan.

Во семејството на Rolls Royce, синиот дијамант се наоѓа помеѓу Ghost и Phantom. Почетната цена му е 285.000 евра, но за тие пари нема да ги добиете седиштата и масичката во багажникот. Сега кога Bentley Bentayga и официјално ја загуби титулата, Кралот на SUV сегментот е пустинскиот дијамант – Cullinan. Ако целава оваа приказна за Rolls Royce Cullinan ви е досадна, бавна и снобовска, да ве потсетам дека Lamborghini Urus е најбрзиот SUV во светот, а Grand Cherokee Trackhawk има 707 коњски сили.

 

Со Брацо Моралиќ.

Сакаш уште? КЛИКНИ.

- Реклама -