Србите доаѓаат во Скопје по 3 поени

Селекторот на репрезентацијата на Србија, Синиша Михајловиќ најавува сериозна претпазливост пред октомвриското гостување во нашава земја, но и атак, без размислување на трите бода од Скопје.

Како што истакнува Михајловиќ за српските медиуми, во ниту еден момент не смее да се потцени македонската селекција која на стартот од квалификациите за СП 2014 покажа дека има свои желби и амбиции на патот кон Бразил.

„Веќе е јасно дека во нашата група нема слаби противници. Нема лесни натпревари, а еден тежок нè очекува и во Скопје. Но, сè ќе зависи само од нас. Доколку играме како на натпреварот против Велс тогаш сигурно очекувам од следните два натпревари да освоиме шест бода, три од дуелот со Белгија и три од Скопје. На мене останува да ги мотивирам фудбалерите дека се способни за такво нешто“ вели Михајловиќ.

Прочитајте и:  Швајцарија го повлече пченкарното брашно од Србија од пазарот: Петпати повеќе афлатоксин од дозволеното

Српскиот селектор најавува, покрај тоа, дека составот од претходните два дуели против Шкотска и против Велс нема да трпи никакви посериозни измени, а единствено ново име ќе биде фудбалерот на Торино, Ален Стевановиќ.

„Сега ќе биде повикан само Стевановиќ, а на пријателскиот натпревар во ноември ќе тестираме неколку нови имиња“.

Михајловиќ уште еднаш повикува и на поддршка од страна на навивачите за неговата репрезентација.

„Срамота е една репрезентација на држава да добива свирежи од трибините. Тоа не смее да се дозволи. Затоа повикувам максимално да ни се даде подршка за да стигнеме до посакуваната цел“ вели Синиша Михајловиќ.

Македонија натпреварот со Србија го игра на 16. октомври на националната арена „Филип Втори“. Претходно, исто така на домашен терен, на 12. октомври се среќаваме со Хрватска.

- Реклама -