Роберт Енрајт го дефинирал простувањето како подготвеност да се одречеме од огорченост, негативна проценка и игнорирање на личноста која неоправдано не повредила, развивајќи притоа тоа што особата не заслужила – сочувство, великодушност па дури и љубов.
Тоа што е заедничко за бројните дефиниции за простувањето е: позитивна внатрешна, психолошка, промена која се случува во личноста во однос на личноста која и погрешила. Со други зборови ова значи – Те мразев поради тоа што ми го направи, сега повеќе не те мразам, што не значи дека тоа ќе го заборавам(но, можеби и ќе го заборавам), и дека ќе те сакам и понатаму (што можеби и нема да ми биде лесно).
Колку што луѓето се поозрели, толку полесно простуваат. За помалку зрелите луѓе, поприфатливо е да простат дури откако ќе се одмаздат, или барем после искупувањето. На емоционално позрелите луѓе не им е до одмазда и на простувањето гледаат како на безусловен поклон на личноста која во суштина е добра. Може да се каже дека до простување доаѓа кога личноста ги унапредила своите чувства, мисли и однесување во однос на тоа што се случило. На простувањето може да се гледа и како на промена во мотивацијата: личноста станува се помалку желна за одмазда, а истовремено и се зголемува добронамерноста.
Може да се наведат неколку критериуми според кои се проценува простувањето и милосрдието:
Тоа е исполнувачко искуство – посебно кога е тешко да се прости и кога не можеме веднаш да прифатиме дека простувањето е вистинската работа која треба да ја направиме. Одмаздата знае да биде слатка, а простувањето не значи дека нема повторно да бидеме повредени. Знаејќи го тоа, за да прости, личноста мора да биде силна, да даде друга шанса, да биде милосрдна. Со други зборови, тоа треба да биде стабилна црта на личноста.
Постојат социјални „ритуали“ со кои се поттикнува простувањето и милосрдието. Децата од мали се учат по некоја кавга да си пружат рака, да бараат да им се прости и да знаат да го примат простувањето. Се чини дека луѓето ги ценат овие особини повеќе отколку што самите ги искажуваат.
Како се одвива процесот на простување?
Роберт Енрајт истакнува дека простувањето се одвива во четири фази:
- Фаза на разоткривање
- Фаза на одлука
- Работна фаза
- Фаза на барање смисла
- Во фазата на разоткривање личноста го истражува негативното влијание на нејзиниот живот кое го има хроничното чувство на огорченост, гнев и омраза. Со други зборови личноста станува свесна дека негативните чувства кон другата особа имаат повеќе штета отколку корист.
- Во фазата на одлука, одлучуваме дека ќе простиме. Тоа најверојатно нема да се случи во истиот момент, но тој момент на одлука е почеток на нешто ново.
- Во третата т.н. работна фаза личноста се обидува да прости гледајќи на случувањето со други очи, ја прифаќа повреденоста и се обидува да разбере зошто другата личност постапила на тој начин.
- Во последната фаза личноста се обидува да открие подлабока смисла или значење како резултат на ситуацијата низ која минала.
Зошто е добро да се прости?
Простувањето на себе и на другите, како особина на личноста е позитивно поврзано со менталното здравје и психолошката добросостојба. Лицата кои полесно простуваат се помалку склони на депресија, лутина и непријателство кон другите.
Секако, треба да се нагласи дека да се прости не секогаш значи дека на личноста која не повредила ќе и се остави повторно простор во својот живот. На пример, ако станува збор за однос во кој има насилство (тепање, силување, насилство во брак итн.), давањето втора шанса не само што може да не биде благодатно, туку може да биде и загрозувачки за својата добросостојбата. Во тој случај, простувањето повеќе има врска со себе, со надминување на непријатните чувства на бес и омраза кои ја нарушуваат личната добросостојба и психофизичкото здравје, отколку со другата личност (градење на натамошен однос со личноста која не повредила). Во спротивно, може да следат уште полоши последици поради повторно повредување.
Како кај себе да поттикнете простување?
- Некој ви сторил нешто лошо. Препознајте ги своите емоции: дали сте лути, тажни, повредени, посрамени или комбинација од сето заедно?
- Заборавете за момент на личноста која ве повредила. Воочете која точно нејзина постапка ве повредила.
- Одлучете дека ќе простите.
- Објаснете си зошто сте ја донеле таа одлука. Објаснувањето може да биде од повеќе причини – како на пример желба да се ослободите од лутината за да се чувствувате послободно или нешто друго.
- Обидете се „да се ставите во кожата“ на другата личност и да ги почувствувате нејзините слабости.
- Одлучете дека нема и понатаму да ја разнесувате болката која сте ја поднесувале.
- Одлучете на светот да му ја понудите својата добра волја. Во оваа фаза може да посакате да се смирите со таа личност (но, тоа не е неопходно).
- Размислете за тоа какво е чувството да се ослободите од огорченост. Пронајдете смисла во негативното искуство низ кое сте минале и страдањето кое сте го совладале.
- Воочете го парадоксот на простувањето: како што како полон на другите им го давате своето простување, така како поклон добивате мир во душата.