Му протестирале вегани пред ресторанот, земал да им сече живо месо пред носот

Еден ресторански шеф во Торонто им одговорил на демонстрантите вегани пред својот излог со соодветна мерка.

Мајкл Хантер, сопственик на Antler Kitchen and Bar, се вратил до излогот со сирова нога од елен, и почнал да го сече месото пред очите на демонстрантите. Овие биле запрепастени, а сега се жалат од неговата постапка (така и дознаваме за настанов).

Веганите се бунеле и до полицајците што биле присутни за да го обезбедуваат местото на протестот, прашувајќи ги дали е легално „да се спрема живо месо во просторијата за ручање“. Изгледа е легално, зашто полицајците едно време влегле во ресторанот, ама не го ни искарале месарот.

Месаров пак, откако го спремил месото, отишол да го зготви, а потоа се вратил крај излогот за да го искрка пред очите на веганите.

Хантер, од своја страна, негира дека ги провоцирал веганите. „Тоа беше само еден обичен ресторантски ден“, вели, иако апла е очигледно дека е ироничен.

И така сега веганиве се жалат на Твитер како можел така. Меѓутоа, одговорите што ги добиваат воглавно не им се по ќеиф. Генерално, гласат дека едно е да протестирате и да сте активист, а сосема друго е да им ги попречувате приватните бизниси на луѓето. Особено иронично во целава приказна е што Хантер купува исклучиво од органски фарми.

Инаку, ваквите крајности во активизмот на веганите на Запад земаат сé повеќе замав, до степен што напаѓаат селски фарми и на обичен народ.

 

- Реклама -