Кој ќе одговара ако ве погоди кинеската вселенска станица?

За тоа кога и каде ќе падне Tiangong-1, како и шансите да ве погоди, веќе пишувавме. Но ете сега да се задржиме на едно помалку веројатно, но битно прашање: Кој ќе одговара ако дел од вселенската станица сепак ве погоди вас или имот што вие го поседувате?

Па вака. Одговорноста за штети и повреди од вселенски отпад ја одредува Конвенцијата на Обединетите нации за Меѓународна одговорност за штета настаната од вселенски објекти, која стапи на сила во 1972 година. Според условите во конвенцијата, за „штета“ се смета сé што подразбира: „губење на живот, лична повреда, или друго оштетување на здравјето; или губење или штета на имот во државна или приватна сопственост… или имот на меѓународни меѓувладини организации“.

Тужбите би морало да се поднесат преку дипломатски канали во рок од една година од инцидентот. Компензацијата се одредува од меѓународните закони и „Принципите на правда и еднаквост“, вели конвенцијата. Според истата, нацијата што го лансирала објектот е „апсолутно одговорна“ за компензирање на повредената странка.

Меѓутоа, штетите не се однесуваат на државјаните на државата што лансира, или на странски држави „кои учествуваат во работата на тој вселенски објект од времето на неговото лансирање или во која било фаза до неговото слетување”.

Но да видиме што досега се случувало во пракса. Низ историјата има само едно лице погодено од вселенски отпад – Лоти Вилијамс од Оклахома, САД, но таа не била повредена. Според извештаите на медиумите, тогаш (на 22 јануари 1997) Вилијамс видела светлина што личела на метеор. Неколку моменти подоцна, нешто метално слетало на нејзиното рамо.

Тиангонг-1, патем, е голема колку школски автобус.

Меѓутоа, има повеќе од еден пример на штета платена под Конвенцијата за одговорност од 1972, а еден таков е тој од 1978 година, кога советскиот атомски сателит Cosmos 954 падна во северозападна Канада, ослободувајќи големи количини на радиоактивен материјал. Канада бараше 6 милиони канадски долари отштета (еквивалент на денешни 16.7 милиони американски долари), но по дипломатски преговори Советскиот сојуз плати упола – само 3 милиони канадски долари.

Што се однесува до вселената, во јануари 2013-та кинески вселенски отпад го уништи нефункционалниот руски сателит за набљудување на времето. Отпадот потекнуваше од антисателитски тест проектил испукан од Кина кон сопствен дефектен сателит со намера да го уништи.

„Никогаш немало судски случај на оваа или слична тема, и не постои стандард за тоа кој сноси ‘вина’ или ‘одговорност’ кога се однесува на инциденти во вселената“, велат познавачи. Меѓутоа, адвокатите се поделени. Едните ќе речат дека Кина е одговорна, затоа што намерно си го разнела својот сателит (од кој подоцна остатоците го погодуваат рускиот). Меѓутоа, други адвокати ќе речат дека Кина не може да сноси одговорност, бидејќи отпадот поминал 6 години изложен на природни сили кои дејствувале врз него во орбитата. Со други зборови, инцидентот се смета за причинет од „природна сила“, а за такво нешто отштета не добивате. Од вакво нешто тешко дека може да настане судски случај, на крајот се согласуваат адвокатите.

Истото, барем делумно, би важело и на Земјата. Тоа не значи дека ако ве погоди дел од вселенски отпад нема да добиете отштета (ако има штета/повреда и ако преживеете). Но „периодот поминат под природни влијанија“ може да влијае на тоа колкава ќе биде таа отштета.

 

- Реклама -