Идадија славеше 90 години! Одма на пиво и 10-ка со кромид

Ако сакате да се осетите старо-скопски и да го мезите легендарниот ќебап од ДМ, трк во Идадија

Неоспорно е дека кафеаната „Идадија“ во првите децении од дваесеттиот век се вклучува во заживувањето на новиот, урбан дух на Скопје, со сите карактеристични белези на тој нов дух, кога животот полека доживува трансформации во сите сфери. Но и негувањето на духот на заедништвото

Кафеаната „Идадија“ е живата легенда на Скопје, која трае веќе деведесет години. Тие години не се малку во традицијата на еден град. Ценети брендови и во големите светски градови се старите препознатливи кафеани со создадените вредности, со своите гости, неповторливата атмосфера и амбиентот, боемството, специјалитетите и кујната, послужувањето, обичаите што во нив се негуваат. А сето тоа „Идадија“ го поседува како бренд. Маалскиот дух е она што е есенцијалното, битното, а потоа тој дух се шири и добива општоприфатени и универзални димензии, кои стануваат репрезент на една средина. Само со она во што ние самите се препознаваме и потврдуваме себеси, можеме да им го привлечеме вниманието и да ги заинтересираме и другите. Тоа што го издржало судот на времето и станало традиција може да биде виза за приклучување кон општите вредности. Во „Идадија“ често ги носиме и гостите, репортерите, снимателите, љубопитниците дојдени во градот – за да ја запознаат најстарата кафеана во Скопје. Неговата урбана легенда.

Бројката 90 деновиве беше особено актуелна. Деведесетти пат се одржа церемонијата на доделувањето на „оскарите“, а според своите заслуги, кафеаната „Идадија“ веќе одамна требаше да добие „оскар“. Набргу по оформувањето на славното Дебар Маало во дваесеттите години на минатиот век, почнува со работа и кафеаната „Идадија“, во 1928 година. И маалото и кафеаната се неразделни еден од друг, како што и двете се неразделни од поширокиот простор на Идадија и на паркот. Таму сѐ уште чука боемското срце, и во оние кафеани и локали што подоцна се отворени. За боемството во другите маала само се раскажува, а во Дебар Маало тоа сѐ уште може да се доживее. Ако Дебар Маало е ќерка на Идадија, тогаш кафеаната „Идадија“ исто така е нивни пород. Како што нивни пород се и спортот и спортскиот дух, особено легендарното име „Работнички“. Ете, судбината сакала во близината на кафеаната „Идадија“ да се одигра и првиот фудбалски натпревар.

Основачот на кафеаната „Идадија“, Ефто Цветановски, бил на печалба во Влашко, а потоа ја отворил кафеаната во 1928 год., иако според некои кажувања тој чин се случил и порано. Во кафеаната му помагале синовите Апостол и Добре, со сопругите Олга и Павлина. Браќата имале и постара сестра Стефанија. А еве и неколку куриозитети поврзани со кафеаната: таа била загревана со ќумбе на струготини, а виното било правено во подрумите, во огромни бочви. Лепињите секојдневно им ги носел, никој друг, туку Никола Ангелов, сопственикот на фурната „Шар“. Со пиво ги снабдувала пиварницата, а кафето го толчеле во голем аван од белкамен. Сладокусците денес би можеле да речат „тоа ти било кафе, а не ова денешново“. На шанкот постојано стоел голем сад со варени јајца како бесплатно мезе со пијалакот. Во просториите над кафеаната во 1928 година роден е и познатиот белградски писател и боем Либеро Маркони, кога тие простории биле издавани. Неговиот татко бил воено лице, кој со целото свое семејство набрзо заминал од Скопје. Подоцна, во триесеттите години, кога се раѓале некои од внуците на Ефто, тие буквално растеле со гостите и меѓу гостите од кафеаната. Посебен куриозитет претставува манифестацијата што се одржува на први јануари, кога дебармаалци утрото се собираат во кафеаната „Идадија“, си ја честитаат новата година, се избира нов кум, и се развива традиционалното оро. Оваа манифестација е вистинска реткост, преполна е со непосредност и маалски шарм, со спонтано дружење и чување на традицијата.

По Втората светска војна кафеаната е национализирана и со неа раководел „Метропол“. Во 1980-тите години почнала судска парница за денационализација на дедовиот имот. Седумте внуци наследници, не успевајќи да дојдат до согласност, ја поделиле кафеаната на два дела, онаква каква што ја познаваме и денес. Едниот дел, кафеаната „Идадија М“, била отворена на 20 јуни 1991 година.
Неоспорно е дека кафеаната „Идадија“ во првите децении од дваесеттиот век се вклучува во заживувањето на новиот, урбан дух на Скопје, со сите карактеристични белези на тој нов дух, кога животот полека доживува трансформации во сите сфери. Но и негувањето на духот на заедништвото. Во неа на маса ќе се сретнеле и Ефто и Љубе, и Корда и Бојаџијан, и Буста и Миле, и Апостол и Ашер. Таму каде што имало дух имало и духовитост и ведар муабет. Кафеаната „Идадија“ и Дебар Маало се опеани во песни, пишувани се романи, раскази и драми, снимени се филмови. Во годините по скопскиот земјотрес, кога се урнаа објектите на училиштата во Скопје, Женската гимназија работеше и во зградата на денешниот Центар за странски јазици, поранешно училиште „Карпош“. Имавме среќа да учиме во таа гимназија, да го запознаеме одблиску духот на Дебар Маало, да учиме и да другаруваме со повеќе дебармаалци со кои се среќаваме и денес. Легендите не се случајни, а најмалку е случајна легендата за кафеаната „Идадија“, која, еве, трае веќе 90 години. Нека ѝ е честит и среќен роденденот.

- Реклама -