„За Фесјбук работев во 2011 и 2012 година. Го водев тимот кој беше одговорен за спроведување на правилата за заштита на податоци на корисниците на Фесјбуковата платформа за апликации. Таа платформа вклучуваше и добро познати и популарни игри како Candy Crush и Farmville, а и многу други“, пишува за Washington Post поранешниот менаџер во Фесјбук – Sandy Parakilas.
Во тоа време Фејсбук баш и не се грижеше премногу за заштитата на податоци на корисниците, а аферата со Кембриџ Аналитика покажува дека тоа не се сменило ни во наредните години.
„Пред да ви раскажам како Фејсбук се однесува по таквите прашања, прво треба да објаснам како тие платформи функционираат. Секогаш кога корисник ќе прифати некоја апликација која се поврзува преку Фејсбук, му се појавува дисклејмер во кој од корисникот се бара дозвола апликацијата да пристапи до податоците на Фејсбук профилот на корисникот. Во некои случаи апликацијата бара пристап само до податоците кои на профилот ви се јавно наведени, како име и презиме, фотографијата, вашите лајкови и уште некои други податоци кои не се јавни“.
Во времето кога Кембриџ Аналитика собирала податоци од корисниците, Фејсбук им дозволи на програмерите пристап и до податоците на вашите пријатели, иако тие пријатели никогаш ниту ја инсталирале, ниту се сложиле таа апликација да ги користи нивните податоци. Тоа на програмерите им овозможи многу брзо да создадат огромна база на податоци.
Постоеше начин да се исклучи опцијата апликацијата да има пристап до податоците на вашите пријатели, но таа опција се наоѓаше длабоко во поставките на Фејсбук, и тоа не на сите јазици. Само мал дел од корисниците знаеја за таа опција.
Најлошото е што кога податоците од серверите на Фејсбук ќе прејдеа во рацете на програмерите, Фејсбук веќе нема контрола над нив, ниту пак знае во какви цели ќе се користат. Навистина, Фејсбук воведе низа правила со кои се забрануваа одредени активности, како продажба или отстапување на податоци за корисниците на трети страни, но проблемот е во тоа што Фејсбук немаше алатки со чија помош би дознале дали некој ги прекршува тие правила, што во крајна смисла никако не ја намалува нивната (на Фејсбук) одговорност.
Исто така, постоеја бројни примери кои покажуваа дека тие правила беа само „обично парче хартија“, т.е. дека воопшто не се почитуваат. Еве еден пример за тоа како Фејсбук (не) ги решавал проблемите со злоупотреба на кориснички податоци, а кој Sandy Parakilas верно го опишува:
„Кон крајот на 2011 година, Фејсбук откри дека една апликација, по име Klout, отвара детски ‘профили духови’ ширум Фејсбук. Тие профили не ги отварале вистинските деца, туку се изработувале по основа на податоците која апликацијата успеала да ги собере од корисниците кои ја користеле. Мојата работа беше да им се јавам на шефовите на Klout и да ги прашам дали со таа апликација кршат некое од правилата на Фејсбук, бидејќи јас немав увид и не можев да видам, ниту да знам, што прават со тие податоци. Ме уверуваа дека не прекршиле ниту едно правило. Јас им повторив дека мора строго да се држат до нашите правила, и тоа беше крајот на разговорот. Фејсбук не презема ништо по тоа прашање, ниту пак ја спречија Klout да продолжи да собира податоци за корисниците“.
За Klout дури било и очигледно дека ги крши правилата, но Сенди предупредува дека на Фејсбук се случувале и далеку посериозни нешта со инволвираност на апликации кои не биле така лесни за откривање.
Сенди е уверен дека постои една и единствена причина поради која Фејсбук никогаш јавно не ги призна таквите проблеми, ниту пак ги предупреди корисниците на нив – а тоа е што не сакале јавноста да дознае за големата дупка и слабоста на системот кој се грижи, наводно, за безбедност на податоците.
„Во 2012 му приредив голема презентација на главниот менаџмент, во која им ги претставив сите маани на нашиот систем. Им објаснив дека сме оставиле еден куп дупки во системот, и дека нашите корисници се опасно изложени на надворешни влијанија. Документот го испратив на сите надлежни, но добив мал, скоро никаков одговор“.