Интернет е едно непредвидливо море од податоци во разни формати. Иако го гледаме како место во кое најчесто владеат младите, на интернет ќе најдете и постари генерации кои го користат за да стапат во контакт со луѓето за кои мислеле дека никогаш нема да ги видат ни чујат во животот.
Таква е и Фејсбук групата „JNA druzenje i trazenje bivsih drugova“ која има преку 27.000 членови, а не е единствената чија задача е поврзување на разделените другари и другарки од некогашна Југославија. Доволно е краток поглед во групата за да сфатите дека сте налетале на универзум во кој тагата по Југославија е толку силна што ќе го натера човек (дури и тој што е роден подоцна и сé што знае за таа земја е од туѓи раскажувања) да се запраша зошто воопшто Југославија се распадна?
За постоењето на таа земја денес, меѓу останатото, заедно со ваквите Фејсбук групи, сведочат и тетоважите кои многумина и ден денес ги носат. Веројатно нема некој што нема слушнато за прочуените ЈНА – игла и мастило – тетоважи.
Ако ги прашате членовите на оваа група која е причината за тетовирање на таква тетоважа, ќе сфатите дека не може да се издвои само една единствена таква причина, пишува српски Vice, кој освен што побара од луѓето од групата да ги споделат своите приказни за ЈНА тетоважите, побара и фотографии од истите. Како и да е, мотивите се разни – од тоа дека во прашање е само една весела пијана ноќ со другарите, па до желба нешто многу важно да се запамети за навек.
ЈНА тетоважите
ЈНА тетоважите не се единствените тетоважи кои биле правени во ЈНА, но веројатно се најмасовни поради едноставноста на самиот процес на нивното тетовирање. Во оваа група не постои ниту еден човек кој својата тетоважа би ја прекрил или би ја преправил поради некаква идеологија.
„Еден ден во ’82-ра во Струмица купивме доста пиво, ние пет шест другари… И така снемува едно по едно пиво, и ни паѓа идеја да се тетовираме. Еден другар донесе туш, а игла и конец имавме. Јас тетовирав тројца другари и убаво испадна, а мене овој другиот што ме тетовираше беше ем најпијаниот од сите, ем јас му припаѓав, па еве слики да се уверите“, пишува сопственикот на тетоважата Драгиша Живановиќ на групата, каде неговиот пост речиси инстантно го дочекаа шеговити коментари.
Оваа горе е тетоважата на Сафет, која доаѓа во пакет со интересна приказна:
„Бевме напредни по прашањето на тетовирање. Користевме мал електромотор поставен на врвот на фломастерот на ко претходно му ја имавме извадено мината. Доле на излезот беше прицврстена игла за некаква жица која беше споена со тој електромотор… Малку туш, добра волја, и тетоважата е готова. Проблемот утрото беше што на фискултурно моравме да се соблечеме голи до појас, а тука е дежурниот старешина и гледа сé!“
ЈНА тетоважи Vice добил и од Касим од Чачак, еден тенкист од Пирот, Верослав од касарната кај Риека, како и Мустафа – кој служел во Винковци.
Тетоважи на одредени родови во војската
Како што пишува новинарката за Vice, при истрагата сфатила и дека секој род во војската претставувал помала заедница во рамките на таа главната, поголемата, а дефиниран од нивните задолженија. На пример, граничарите морале да бидат луѓе со посебен ментален склоп за да можат неуморно да поминуваат километри од еден пограничен камен до друг, деноноќно. А многу од луѓето во тие помали заедници својата посветеност кон нив, во случајов кон чување на границата, ја преточиле и на својата кожа во вид на тетоважа.
Свои посебни задолженија и предизвици имале и припадниците на морнарицата и воздухопловните единици, па и тие тој свој период од животот го имаат обележано на кожата.
Мустафа Тулумовиќ за оваа тетоважа горе вели дека настанала во ноември 1983 година на мостарскиот аеродром. Тој се сеќава и на момакот кој му ја правел тетоважата – сликар со презиме Милиќ, некаде од Бања Лука или Приједор. Тетоважата е направена како спомен на тој род на војската.
Меѓу овие ќе најдете и тетоважи со сидро, кои, се разбира, ја означуваат Југословенската воена морнарица.
А со тетоважи се означувала и припадноста на падобранските единици. Оваа веројатно е доработувана подоцна, бидејќи тешко дека тогашната ЈНА техника „поддржувала“ колор тетоважи.
Не сите тетоважи се со мотиви кои се директно поврзани со ЈНА
Тетоважите со жени и меч со кобра на фотографиите во продолжение се настанати на 28 февруари 1968 во касарната во Панчево.
Поранешниот припадник на ЈНА (со иницијали Д.С.), носител на тетоважите, вели дека ништо посебно не го привлекло кон тетовирањето, освен тоа дека тоа го правеле и неговите другари. Му се допаднало па го направил и тој. Вели дека сега, со овој памет, не би ставал тетоважи.
Тетоважи со слични мотиви има и Зијад. Неговите се од 1991 година.
Се чини дека по буквите „ЈНА“ и означувањето на воениот род, мечот (кој е перцепиран како симбол на честа врзан за секоја војска) е следниот најзастапен мотив. Што се однесува до мотивите со жена, веројатно ја симболизираат жедта за она што на мажите во периодот на одслужувањето на рокот им било ускратено.
Паралелно со овие, меѓу тетоважите настанати во ЈНА има и такви што се прилично оддалечени од воен контекст. На пример:
Или оваа во продолжение, направена во 1984 година. Нејзиниот носител – Зоран, кој служел воен рок во околината на Крагуевац, поради истата бил строго казнуван. А сепак, се чини дека само сакал да пренесе порака за мир.
Тој ист мир што на многумина им недостасуваше во годините кои следуваа, а во кои крваво се распадна една државна творевина за која, како што можеме да видиме во многу примери, се тагува до ден денес.
виа Vice