Што се случува со телото кога се стискаме за кратка нужда?

Можеби не ви изгледа така, но бешиката може да држи до пола литар урина. Сé над тоа и веќе чувствувате потреба да се испразните.

Телото знае колку урина има во бешиката бидејќи нејзините ѕидови се полни со мали рецептори кои испраќаат порака до мозокот кога нејзиниот капацитет е исполнет.

Но што ако во моментот сте зафатени и решите да стискате? 

За среќа, повеќето од нас имаат целосна контрола врз функцијата на мочниот меур, па можеме свесно да почекаме. Но што е резултатот од тоа? Кои се последиците врз телото?

Штом ќе донесете таква одлука, цилиндричните сфинктери на бешиката цврсто стегнуваат и спречуваат истекување на урината преку уретрата.

Овие мускули сосема добро си ја вршат работата, сé до моментот кога ќе ги приморате тоа да го прават често и на долги периоди – да речеме ако сте камионџија, таксист, возач на автобус можеби, или често знаете да се занесете со компјутерот (гејмери, во вас гледаме), неколку пати неделно.

Ако ви станало навика долго да се воздржувате од кратката нужда, тоа во пракса значи дека се подложувате самите себе на прилично сериозни долгорочни ефекти, вклучително и зголемен ризик од инфекција.

Плус, константното воздржување од празнење може да доведе до слабеење на мускулите на бешиката, што води кон уринарна ретенција – омразената состојба која ви оневозможува целосно да го испразните мочниот меур кога уринирате. Со други зборови, поголем дел од времето ќе ви се моча.

Чувањето на големи количини урина на продолжен период исто така ви го изложува телото на потенцијално штетни бактерии, што ја зголемува шансата да закачите инфекција на уринарниот тракт/бешиката.

Звучи прилично страшно… Што, да не може и да се умре?

Па… Прашајте го Тихо Брахе – дански астроном и алхемичар од 16-от век. Приказната вели дека одбил да напушти банкет за да се олесни, бидејќи тоа го сметал за непримерно однесување. Но кога стигнал дома, сфатил дека не може воопшто да се олесни. Паднал во делириум, а набрзо и умрел – му експлодирал мочниот меур.

Е сега, во повеќето други случаи не доаѓа до таков исход – лицето едноставно само ќе се измоча во гаќи, сакало или не. Ако дојде до експлозија на бешиката, речиси секогаш тоа е зашто и претходно била оштетена, од X причини.

АМА… Има случаи и на луѓе на кои им експлодирал меурот затоа што биле премногу пијани за да го регистрираат сигналот од нивниот мозок што им велел да се олеснат. Ете ви, уште една причина да внимавате со алкохолот. И со стискањето, секако.

 

- Реклама -