Наглото топење на снегот и обилните дождови значително го зголемија производството на електрична енергија во Албанија, што овозможи земјата од увозник да стане извозник на струја, јавува дописникот на МИА.
„Албанската електро корпорација“ (КЕШ) преку тендер во текот на месец март ќе извезе 398.000 мегават часови електрична енергија, во вредност од над 13,4 милиони евра.
КЕШ наведува дека ваквиот извоз во голема мерка ќе придонесе во подобрување на финансиската состојба на компанијата.
Струјата е продадена на 14 компании по просечна цена од 34 евра за мегават.
Во текот на минатата година КЕШ беше погодена од криза поради недостигот на дождови, што Владата ја принуди да го зголеми буџетот, обезбедувајќи 4,5 милијарди леки (42 милиони евра) за увоз на струја. Исто така, за задоволување на потребите на земјата од електрчна енергија потрошен беше и фонд од околу 23 милиони евра од Светската банка.
Поради поволната хидролошка состојба, трите хидроелектрани на каскадата на реката Дрим – Фиерза, Коман и Вау те Дејес работат под полн капацитет, остварувајќи дневно производство од 28,8 милиони киловат часови електрична енергија.