Зоран Заев, во неговите изјави, на силен начин ја има изразено политичката волја да придонесе за политичко, заемно прифатливо решение, вели заменик шефот на грчката дипломатија, Јанис Аманатидис, во интервју за првата програма на грчкото државно радио.
Запрашан дали последните изјави на македонскиот премиер покажуваат континуитет или дисконтинуитет Аманатидис вели дека она што е важно е дека Заев има изразено волја за решение. Во тој контекст на позитивни и важни сигнали ги споменува и преименувањата на аеродромот и автопатот, како и „отстранувањето на симболите на иредентизмот“.
– Тоа се потези на добра волја и покажуваат дека постои политичка волја и покрај изјавите што се даваат, но мислам дека треба да се задржиме на суштината на преговорите, вели Аманатидис.
Како што јави дописникот на МИА од Атина, заменикот на Коѕијас, во интервјуто објаснува дека Грција бара ерга омнес име што значи употреба и во внатрешноста на земјата. Избегна да ги коментира преговорите, но истакна дека во процесот има волја и од двете страни.
– Тоа се преговори што се водат чекор по чекор и сега сме во таа фаза и не сакам да водам политика преку изјави, но сепак мислам дека сме во фаза во која ќе се дадат, ако не се веќе дадени предлозите, комплетниот текст, што од грчкото МНР помина на другата страна, а оттаму како што и самиот Коѕијас кажа, во следните седмици ќе ја посети соседната земја каде што ќе се одржат разговорите, вели заменик министерот за надворешни работи на Грција, во интервјуто за првата програма на државното радио.