Се испокарал со колегите и тргнал целосно сам да го освојува најопасниот врв во светот

Денис Урубко, еден од најдобрите светски алпинисти, во последен момент се откажа од самоубиствениот (според еден куп алпинисти) обид да го искачи вториот највисок врв на светот – К2, кој е висок 8611 метри. Полската експедиција на чело со Урубко требаше да стане првата во историјата која го искачила најопасниот врв во светот во зима, но во последен момент се откажала за да почека подобро време.

Меѓутоа, проблемот во целата приказна е дека евентуалното искачување во март нема да се смета за зимско искачување, а тоа толку го налутило Урубко што во еден момент се испокарал со колегите и мртов ладен им порачал:

САМ ЌЕ ОДАМ ДО ГОРЕ!

Така и направил, но најлошо од сé е што ексцентричниот алпинист го оставил и радиото пред да тргне кон врвот. Откако го напуштил кампот без да им го открие својот (детален) план на колегите, настанала голема паника, како на Хималаите, така и во Полска и Русија.

„Клучни се првите два дена. Ако не се врати во рок од 48 часа, Урубко е готов“, рече тогаш Микал Лексински од полската експедиција, човекот кој се обидел да го убеди Урубко да не прави глупости.

За среќа, 24 часа подоцна Лексински на Твитер напиша дека Урубко се спушта кон базата, и дека веќе стигнал до C2 кампот. Со други зборови, на време се вразумил.

„Се обиде да нé убеди да пробаме да го освоиме врвот во февруари. Следеше жолчна расправија, а во еден момент Урубко замина без збор“, вели еден друг член на експедицијата.

Врвот К2.

Обидот сам да го освоиш К2 е самоубиство

Професионалните алпинисти биле згрозени кога слушнале што наумил лудиот Полјак.

„Обидот сам да го освои К2 е суицидален. Нема шанси тоа да го преживее“, рече пакистанскиот алпинист Мирза Али Баиг. Со него се сложува и Алан Арнет – Американец кој веќе го има освоено К2.

„Ризикот е огромен. Под самиот врв има три ‘пирамиди’ кои се посебно смртоносно опасни. Морате да поминете низ еден премин над кој стои куп мраз. Пред 10 години тој мраз уби 11 алпинисти. Тие луѓе никогаш не се пронајдени“, раскажа Американецот за BBC.

„Во добри временски услови ви требаат неколку часа тоа да го поминете. А во лоши, и потполно сами… Не знам што му требало тоа на Денис, го направил тоа што никој не би…“

Шокиран е и Карим Шах, алпинист и еден од најдобрите пријатели на Урубко.

„Денис го викаат експерт за Хималаите. Ама донесе целосно погрешна одлука!“

Но ете, и експертот на крајот се уверил дека тоа неговото е лудост. За среќа, тоа не се случило предоцна.

Инаку, искачувањето на К2 се смета за многу поопасно отколку искачувањето на Монт Еверест, најмногу заради грозните временски услови. Во зима температурата се спушта и на -50 степени, а ветровите можат да достигнат и до 200 км/ч. Лавините се чести, а како што прочитавте, намерачен ви е и мразот.

Се смета дека процентот на смрност на К2 е 30%; практично секој трет обид завршува со смрт на алпинистите.

ПС. Во 2014-та К2 го освои и првиот Македонец, Здравко Дејановиќ.

- Реклама -