Владиката Агатангел нема да го предводи вечерашниот протест за одбрана на државата и идентитетот на нацијата.
Иако тоа беше најавено од шесте патриотски здруженија, за Макфакс повардарскиот митрополит изјавил дека ќе биде учесник, но не и предводник на протестот.
Генералниот став на МПЦ е дека свештените лица не смеат да се мешаат во политиката. Неодамна владиката Тимотеј излезе со став дека црквата не треба да се занимава со спорот за името, истакнувајќи дека нивна работа е „да шират мир, љубов и разбирање“, а не да придонесуваат „за нивно разидување“.
На прашањето зошто Агатангел не ги почитува генералните ставови на МПЦ, тој кусо одговорил: „Вие гледајте си ја вашата, јас мојата работа“, по што го прекинал повикот, пренесува Макфакс.
Протестот ќе започне во 18 часот пред ЕУ инфо-центарот, по што демонстрантите ќе се упатат кон Собранието. Нивните барања се да се стави крај на преговорите за името со Грција, да се повлече законот за јазиците, да се поништи договорот со Бугарија, како и да се ослободат притоврените за настаните во Собранието на 27 април.