Сибирскиот бран го смрзна Балканот

Сибирскиот бран се прошири од исток и кон Балканот. Целиот регион е зафатен од ниски температури и врнежи од снег, а исклучок не се ни делови од јадранското крајбрежје.

Според Црногорскиот хидрометеролошки завод, најмногу снег во Црна Гора наврнал на Жабљак каде е формирана снежна покривка од 97 сантиметри, а снег има во Подгороца, Цетиње, Колшин, Шавник, Рожаје, Андријавица, Бијело Поље и Пљевља. Снег паѓал вчера и во црногорското пристаниште Бар, кој набрзо преминал во дожд.

Снег падна и во поголемиот дел од Хрватска, а властите прогласија жолт метеоаларм за опасност од временски неприлики на целата територија на земјата.

Во континентална Хрватска се измерени температури од -17 до -3 степени, а на јадранското приморје од -4 до 4 степени.

Најголема снежна покривка е формирана во Завижан – од 232 сантиметри , во Делнице – 149 см, на Плитвичките Езера – 115 см, во Огулин – 92 см, Госпиќ – 81 см, а во Слуњ – 75 сентиметри.

И Босна и Херцеговина во најголем дел е исто така прекриена со снег. Највисока снежна покривка од 183 сантиметри е измерена на Бјелашница.

Во тој реон е измерена температура од -16 степени Целзиусови, во Хан Пјесак од -11, во Тузла -6, Бања Лука и Сараево по -5, а во Мостар -1 степен.

Снег од вчера паѓа и во цела Србија, каде исто така се измерени температури под нулата.

Снегот предизвика проблеми во одвивањето на сообраќајот во поголемиот дел од Балканот, пред сé на повисоките места.

Според метеоролозите, исклучително студеното време, проследено со ниски температури и снежни врнежи, ќе продолжи во текот на целата оваа недела.

Сител

- Реклама -