Шилегов ќе го продава градскиот Мерцедес од Коце Трајановски, стар бил

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов ќе го продава „мерцедесот“ што го наследи од неговиот претходник – Коце Трајановски.

Мерцедесот е произведен во 2003 година, дизел е, а според Шилегов е и небезбеден, со поминати 14.000 километри, и ја загрозува животната средина. Според него, возилото речиси и да не е функционално.

„Во план ми е да го продадам. Старо е 15 години, речиси небезбедно”, истакна Шилегов на брифинг со новинарите, пренесува Вечер.

Во меѓувреме, за службени потреби Шилегов најчесто го користи сопственото возило. Од Град Скопје истакнуваат дека градоначалникот нема намера да набавува луксузно возило. Ако возниот парк на Градот се проширува, тоа ќе биде со возила потребни за администрацијата, и тоа главно електромобили или екоавтомобили.

Прочитајте и:  Околу 30 автобуси возат низ Скопје, граѓаните револтирани, вонредни седници на Владата и на Советот на Град Скопје

Мерцедесот „на Трајановски“, пак, ќе се продава на јавно наддавање. За почетната цена допрва ќе се прави проценка.

Мерцедесот што го користеше Коце Трајановски, Град Скопје всушност го доби од Агенцијата за одземен имот, откако под притисок на јавноста поранешниот градоначалник се откажа од набавка на нов луксузен Мерцедес, потсетува Вечер.

 

- Реклама -