Трамп и’ се закани на Северна Кореја со најостри санкции досега

Владата на претседателот на САД Доналд Трамп воведе нова серија санкции против Северна Кореја кои ќе погодат повеќе од педесет бродови, шпедитерски компании и трговски фирми, одговорни за снабдување на земјата со гориво и пари.

Ова е најновиот обид да се изврши притисок врз Северна Кореја да се откаже од својата нуклеарна програма, изјави денес висок американски официјален претставник.

Трамп ги најави санкциите на конференцијата на конзервативците, по што следеше изјава од Министерството за финансии.

САД се обидуваат да ја казнат Северна Кореја поради непочитувањето на рестрикциите на ОН, па ќе ѝ ги скратат приходите и ресурсите за развој на нуклеарната програма и балистичките проектили кои почнуваат да претставуваат опасност за копното на САД.

Трамп рече дека се работи за „најголем сет на нови санкции до сега“ против Северна Кореја.

„Министерството за финансии наскоро ќе преземе нови мерки да го прекине изворот на приход и нафта, кои режимот ги користи за финансирање на својата нуклеарна програма и ја одржува својата војска. Мерките ќе бидат насочени на 56 брода, транспортни компании и трговски фирми кои ѝ помагаат на Северна Кореја да ги избегне санкциите“ , вели Трамп, пренесуваат медиумите.

САД воведуваат санкции против Северна Кореја од 2008 година и најновите рестрикции ќе бидат додадени на ноемвриските кои се насочени кон севернокорејската поморска трговија и на кинеските компании кои тргуваат со Пјонгјанг.

Во декември, Обединетите нации започнаа нова серија санкции, кои беа поддржани од сите 15 земји членки на Советот за безбедност. Тие вклучува мерки да се намали севернокорејскиот увоз на нафта за 90 отсто.

Зимските олимписки игри што се одржуваат во Јужна Кореја, беа можност за намалување на тензиите и обновување на преговорите, но не се постигна напредок.

- Реклама -