Се крена многу прав околу одлуката на Google да ја укине опцијата „View image“, главно зашто не се работи за никакво унапредување на функционалноста, туку напротив, и сето тоа резултат на прост прагматизам од аспект на бизнис.
Во договор со компанијата „Getty images“, од резултатите од пребарувањата на слики исфрлена е опцијата која нудеше можност да ја симнете сликата. Сега тоа е малку (минимално) покомплицирано, бидејќи Google сака прво да ја посетите изворната страна на која се наоѓа сликата.
Во зависност од пребарувачот, можно е со десен клик и отварање на сликата во нов таб да прескокнете еден чекор и да стигнете до истиот резултат кој го добивавме преку „View image“.
Сепак, ако баш ви фали старата опција, корисниците веќе имаат решение – преку Chrome/Firefox екстензии. Сé што треба е да ја инсталирате View Image екстензијата која можете да ја пронајдете на Chrome Web Store, т.е. Firefox add-ons.
Дополнителна причина е што со тоа ќе ја вратите и опцијата „search by image“, која овозможува пребарување по слики, на пример кога ја сакате истата слика само во подобра резолуција.